Besar Ademi
23 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, истакна дека и албанската страна не е страната која сака да создаде проблеми, туку се заинтересирани да се реши спорот со името меѓу двете соседни земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Осврнувајќи се на предлозите за името од страна на преговарачките страни, Ахмети нагласи дека не се согласуваат компромисот кој ќе биде постигнат да го содржи името Славомакедонија или Национална Република Македонија.
„Во овој случај ни сме страната која сака решение. Не сме страната која сака да создаде проблеми, ние сме страната која сака решение за проблемот, бидејќи нѐ интересира иднината на нашата земја", рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ рече дека за време на средбата со грчкиот министер Коѕијас размениле мислења дека сите земји од регионот на Западен Балкан имаат заеднички интереси, заедно да бидат дел од обединета Европа и интегрирани во НАТО.
„Нашите земји треба во регионот на Западен Балкан да имаат многу поблиска соработка и за решавање на споровит кои се уште не се решени, со што јас видов една силна волја од министерот за надворешни работи дека сите спорови ќе се надминат“, нагласи Ахмети.
Инаку, министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, се состана со неговиот македонски колега, министерот за надворешни работи Никола Димитров, со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
Грчкиот министер Коѕијас вчера со владин авион пристигна на скопскиот аеродром, во прва посета на земјата по неговото преименување во Меѓународен аеродром Скопје, како еден од чекорите на македонската Влада во процесот на преговорите за името.