Bekim Laci
03 Март 2016•Ажурирај: 04 Март 2016
СКОПЈЕ (AA) - Заменикот помошник на американскиот државен секретар Брајан Хојт Ји, кој денес престојува во официјална посета на Република Македонија, оствари поединечни средби со лидерите на албанските политички партии, односно со претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА) Мендух Тачи и лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, изјави дека со дипломатот Ји разговарале за евроатланската интеграција на Македонија, за што тој рече дека американската помош во оваа насока е значајна, но додаде, дека земјата треба да ги заврши своите задачи, како што е одржувањето на демократски избори како услов за евроинтеграција.
Тачи рече дека на американскиот дипломат му го соопштил својот скептицизам поради тоа што земјата нема напредок во исполнувањето на условите за фер и демократски избори, а од друга страна истакна дека изразил уверување дека ДПА ќе продолжи со нејзиниот придонес.
„Условите се познати, тие што сакаат да ги исполнат тоа го прават брзо, а тие што не сакаат, нема да ги остварат никогаш, но ќе се соочат со последици. Јас сум скептичен бидејќи ние добивме пролонгирање на изборите за пет недели а три недели веќе се расправаме”, изјави Тачи.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, по средбата изјави дека било разговарано за активностите на земјата за самитот на НАТО кој ќе се одржи во јули, а темите на разговорот, како што рече, биле јунските избори како и политичкиот договор од јуни/јули минатата година.
Во своето излагање Ахмети рече дека со американскиот дипломат се согласиле за потребата на одржување доверливи и неспорни избори, а на прашањето дали воопшто е разговарано за можноста од одлагање на рокот за одржување на предвемените парламентарни избори за пети јуни, тој изјави дека тоа не било тема на разговор.
„Не е разговарано за одлагање на изборите но разговарано е дека сите треба да го завршат својот дел од обврските што им припаѓаат, почнувајќи од политичките партии до Државната изборна комисија, со цел изборите да бидат доверливи. Политичките парии да ја завршат својата работа и да не вршат притисоци и влеваат страв кон гласачите”, изјави Ахмети.
Заменикот-помошик на американскиот државен секретар, Брајан Хојт Ји, ќе се сретне и со претседателот Ѓорѓе Иванов, а во петок ќе оствари средба и со лидерите на најголемите македонски политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.