Bekim Laci
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод Денот на албанското знаме, Демократската унија за интеграција (ДУИ) под покровителство на лидерот на партијата, Али Ахмети, денес одржа свечена академија којашто традиционално се одржува на 28 ноември, јавува Anadolu Agency (AA).
Во присуство на голем број гости, владини министри од партијата на Ахмети и дипломати од Тирана и Приштина акредитирани во Скопје, се обрати амбасадорот на Албанија во Македонија, Фатос Река, кој зборувајќи за историскиот контекст на Албанците, истакна дека неодамнешното формирање на косовската држава претставува сведоштво на борбата на Албанците за нивните национални права.
Денес, рече Река, Албанија и албанскиот народ се вклучени во една друга војна, институционално да бидат дел од Европа, и додаде дека за среќа, на овој пат тие не се сами, бидејќи се заедно со другите земји од Западен Балкан.
„На овој пат кон реализирање на евро-атлантските цели, на наша страна ја имаме и Македонија, чија позиција се зајакнува уште повеќе, и во оваа насока, оваа пријателска земја ја има поддршката на Албанија, бидејќи ние не можеме сами да го направиме тоа“, рече Река, истакнувајќи дека парламентарните и локалните избори во Македонија зборуваат оти земјата е на вистинскиот пат како едно здраво мултиетничко општество, и дека меѓу Македонија и Албанија нема отворени прашања, што најдобро се рефлектира преку заедничкиот состанок на двете влади што најскоро ќе се одржи.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека денешниот празник е заслуга на дејствувањето во илегала на Албанците од Македонија и од Косово, жртвувањето на идните генерации и ослободителните национални војски од поновата историја кои ја задржаа жива сржта на народот.
Ахмети пренесе дека по промените како резултат на борбата на Албанците и помошта на НАТО, САД и ЕУ, одговорноста за иднината ја имаат Албанците.
„Одговорни за иднината сме ние, за тоа како ќе ги градиме нештата за подобри, поорганизирани и понапредни држави, со стандардите што ни ги нудат ЕУ и НАТО. Никој не е пречка за ние да не одиме напред, немаме пречки за подобро образование и здравство, бидејќи само така ќе ја градиме нашата историја“, вели Ахмети.
На денешната свеченост за историскиот апсект на 28. Ноември зборуваше историчарот Бури Беџети, а се одржа и пригодна уметничка програма.