Husamedin Gina
09 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија, Никола Димитров, денеска одржа заедничка-прес конференција со министерот за надворешни и европски работи на Луксембург, Жан Аселборн, кој се наоѓа во работна посета на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн, истакна дека во Скопје се наоѓа во еден решавачки момент и за иднината на Европа и за иднината на Северна Македонија.
Посочувајќи дека има позитивно чувство што се однесува до позицијата на Франција, во однос на прашањето за одредување датум на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија (ЕУ), Аселборн рече дека ако Франција го промени ставот, веројатно тогаш и другите земји ќе го следат тој пример.
„Ако сега не успееме, тоа не значи дека ќе ја повредиме вашата земја, туку ќе ја повредиме и општата политика во поглед на Балканот“, нагласи Аселборн, посочувајќи дека секоја земја има свој парламент и свои принципи, но дека исто така треба да се биде свесен за предизвикот.
Шефот на луксембуршката дипломатија, одговарајќи на новинарско прашање за дијалогот помеѓу Косово и Србија, рече дека се надева дека Белград и Приштина знаат кој е предизвикот за нивните земји, а исто така и за целиот регион.
Аселборн на прес-конференцијата потенцираше дека Европа во овој момент има тешки проблеми како што се миграцијата, а исто така и прашањето каде се движи Европа и која е нејзината иднина.
Министерот Никола Димитров, изразувајќи му благодарност на Аселборн што издвоил време да ја посети Северна Македонија, рече дека во Скопје дошол практично со една порака, а тоа е „заслуживте да ги почнете пристапните преговори со ЕУ“.
Како што истакна Димитров, денеска разговарале и за реформските задачи на Северна Македонија, за последниот извештај на Европската комисија и за расположението на другите земји.
„Благодарен сум не само за посетата и поддршката туку и на мудроста, и се надевам дека ќе помогне сега за неколку денови на Советот на општи работи на 24 март и Европската унија да испорача“, рече Димитров.
Во рамки на посетата, предвидено е министерот Аселборн да биде примен и од страна на претседателот Стево Пендаровски.