ЗАГРЕБ (AA) - По повод 25-годишнината од меѓународното признавање на Република Хрватска, во хрватското Собрание е одржана свечена седница и академија на која учествуваа највисоките политички и државни функционери, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата зборуваа претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателот на Собранието, Божо Петров, како и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Тие во својот говор се потсетија на 15. јануари 1992 година, кога Хрватска беше призната од 12 членки на тогашна Европска заедница (ЕЗ), по што следеше признавањето на хрватската самостојност од страна на многу држави.
Претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ кажа дека овој датум претставува остварување на повеќевековниот хрватски национален стремеж за сопствена држава.
Таа особено им се заблагодари на хрватските бранители кои, како што вели, Хрватска ја одбраниле чесно во Татковинската војна, како и на првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман.
„Хрватска е цврсто определена истрајно да придонесува кон тоа, овој дел од Европа, кој со векови е отежнат од окупации, конфликти и војни, во иднина да биде простор на мирот и на напредокот. Таа улога произлегува од духовните вредности својствени за христијанската цивилизација, на која припаѓаме, признавајќи ги сите други духовни придобивки низ историјата на нашето тло“, рече меѓу останатото, хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ.
Хрватскиот премиер Пленковиќ се потсети на Татковинската војна, и притоа ги истакна отворените проблеми што по завршувањето на воените конфликти, и до денес останале пред неговата Влада да бидат решени: како што е прашањето за исчезнатите, селективниот прогон на хрватските бранители, заштитата на хрватското малцинство, враќањето на националните богатства, прашањето за разграничување со соседите...
Претседателот на Собранието, Божо Петров порача дека 15. јануари е значаен датум за Република Хрватска, а особено ја истакна улогата на првиот хрватски претседател, Фрањо Туѓман.
„Како претседател на хрватското Собрание ќе вложам труд за нашите деца да бидат горди на нас, како што сме ние горди на творците на Хрватска. Кога ќе се вратат 25 години наназад, да видат поразвиена Хрватска од која нема да сакаат да заминат, бидејќи во својата држава ќе имаат услови за среќен и достоинствен живот“, порача Петров, меѓу останатото.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск , по националност Полјак, на присутните во Собранието им се обрати на хрватски јазик.
Туск истакна дека Хрватска за 25 години направила многу за зајакнување на меѓународните демократски стандарди и за изградба на модерна држава, и оти Европа ја цени хрватската политичка зрелост и доследност.
„Благодарение на вашите напори, се зголемува и угледот на целиот регион, а помирувањето на раскараните народи коешто било тешко, станува реалност“, истакна Туск.
На свечената седница и академија пристигнаа и министрите на Владата, бивши претседатели, бившите претседатели на хрватското Собрание, претставници на дипломатскиот кор, верските заедници, судските органи, академската заедница, синдикатите, здруженијата, како и останатите угледни претставници на јавниот и политичкиот живот.
news_share_descriptionsubscription_contact
