Балкан

„Со радикални мерки до почиста животна средина“

„Тоа што останува да се направи е да се едуцираат граѓаните како да не бидат тие самите загадувачи. Многу е лесно да протестирате против друг загадувач, но што прави секој од нас?“, потенцира Џафери, активистот за животна средина.

Admir Fazlagic  | 08.12.2018 - Обновена : 10.12.2018
„Со радикални мерки до почиста животна средина“ (Foto: Admir Fazlagic/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ

Проблемот со загадувањето на воздухот во главниот град на Македонија, Скопје, повторно го актуализираше прашањето за решавање на ова прашање, а Скопје повторно се најде меѓу најзагадените градови во Европа, со тоа што во изминатиов период просечните вредности на загаденоста на воздухот неколкукратно ги надминуваа граничните вредности.

Кои се проблемите во животната средина во Македонија, кои се најголемите фактори кои ги предизвикуваат тие проблеми, и кои се соодветните решенија за нивно надминување, се дел од темите за кои во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваше Арианит Џафери, активист за животна средина и претседател на движењето „Еко Герила“ од Тетово, кое во изминатите пет години активно работи и дејствува во сферата на екологијата.

Џафери вели дека проблемите во животната средина се стари со години наназад и дека веќе подолго време се одолговлекуваат.

Како што истакнува тој, во Република Македонија најголем проблем е аерозагадувањето.

Градовите како Скопје, Битола и Тетово, пред некоја година биле на топ-листата на најзагадените градови во Европа, заедно со Сараево, Тузла и со Приштина.

„Според некои анализи и студии кои се направени од финскиот Институт, најголем придонес во загадувањето, барем во Скопје, има индустријата. Значи, има големи индустриски погони кои не ги исполнуваат еколошките стандарди. Како такви тие загадуваат масовно. Друго, домаќинствата од кои дел се греат на дрва или јаглен, и семејства кои имаат поголеми финансиски потешкотии и се греат на гуми или на што било... Исто така, и превозот може да се рангира тука, голем број од автомобилите се стари“, вели Џафери, и додава:

„Потоа, депониите, особено случаите кога се палат депониите. Мора да се изнајде системско решение за сите, но тоа што може да се направи како најитна мерка е да се затворат или да се принудат најголемите загадувачи да не загадуваат, особено за време на зимата.“

- „Загадувањето на воздухот не е локален проблем“

За соработката со еколошките здруженија и движења од регионот, активистот од движењето „Еко Герила“ вели дека имаат контакти со вакви организации од Косово, Албанија, Србија и Босна и Херцеговина, како и тоа дека со нив споделуваат информации и подготвени се ваквата соработка да се прошири во директни контакти и со споделување практични знаења.

„Загадувањето на воздухот не е локален проблем, ова мора заеднички да се решава, целиот регион мора да направи повеќе и тоа што се вика „Париз 2020“ (Договорот од Париз за спречување на климатските промени), да ги намалиме штетните гасови за 20 отсто и да произведуваме струја со обновливи извори. Во Македонија и Косово, најголемиот дел, 90 отсто од струјата што се произведува е од јаглен, што е многу лошо и големо загадување“, смета тој.

Загадената почва, загадената вода и воздухот, според негово мислење придонесуваат за намалување на економската моќ на земјата, бидејќи, во голема мерка, земјата произведува и извезува производи во западноевропските земји. Со нерешавањето на еколошките проблеми, Џафери истакнува дека граѓаните и државата ќе останат сиромашни затоа што државата ќе нема што квалитетно да понуди за извоз на европските пазари.

За таа цел, овој активист за животна средина вели дека е важно Европската Унија (ЕУ) да испрати сигнал и до Македонија, за важноста со справувањето на проблемот со загадувањето на воздухот.

Меѓу другото, во разговорот Џафери информира дека движењето „Еко Герила“ соработува со државните институции во чиј домен се прашањата во врска со животната средина.

Честопати, вели тој, се случува институциите да ги прифаќаат нивните мерки кои ги предлагаат, со цел решавање на одредени еколошки проблеми, но истакнува дека е друго прашање колку тие препораки се ставаат во употреба од страна на надлежните институции.

Наместо препораки, вели Џафери, потребни се мерки кои се неопходни да се спроведат, затоа што кога мерките стануваат препораки, тие зависат од волјата на граѓаните и често се случува тие да не се испочитувани.

- „Екологијата е живот“

Важноста на проблемите од еколошка природа, според Џафери, се огледува во тоа што штетата која ѝ се нанесува на животната средина не може да се надомести, поради тоа вели дека екологијата не е нешто што треба да претставува луксуз.

„Екологијата е живот, тоа треба да го разберат и сите граѓани чија свест сакаме да ја креваме секој ден, но и политичарите, особено. Треба да работиме да ја кренеме свеста повеќе на политичарите отколку на граѓаните, затоа што тие што одлучуваат треба да ја знаат тежината на проблемот“, вели Џафери.

Во разговорот тој информира дека „Еко Герила“ како организација во изминатите години работела на подигнување на јавната свест за важноста која ја имаат прашањата од доменот на екологијата, како и тоа дека тие се суштински важни за опстојувањето на човекот и природата и за севкупниот квалитет на животот на човекот.

„Тоа што останува да се направи е да се едуцираат граѓаните како да не бидат тие самите загадувачи. Многу е лесно да протестирате против друг загадувач, но што прави секој од нас? Такви едукативни проекти се многу потребни. Ние работиме на едукација на младите граѓани кои треба да знаат дека треба да се брани животната средина и како да не ја загадуваат“, потенцира Џафери.

Додава и дека е важно надлежните институции да го казнуваат несоодветното однесување на граѓаните во однос на животната средина.

Овој еколошки активист порачува дека е важно секој граѓанин на Македонија, но и пошироко, да ја разбере својата улога во зачувување на животната средина и нејзиното унапредување. Според него, одговорноста за зачувувањето на животната средина е и на властите, но и на самите граѓани.

Во тој контекст, за надлежните институции смета дека е најважно тие да овозможат функционирање на правната држава и доследно спроведување на законите.

- „Потребни се радикални, а не козметички мерки“

Џафери смета дека издвојување на 1,5 милион евра во буџетот на државата за наредната година за справување со загадувањето на воздухот, не е доволно, и истакнува дека најверојатно ќе се увиди потребата од издвојување на повеќе финансиски средства за проблемот со аерозагадувањето. Во однос на мерките кои ги предлага Владата за решавање на овој проблем, вели дека тие треба да се имплементираат доследно за да се почувствува нивниот ефект.

„Ако не се имплементираат мерките кои ги предлагаат, залудно е што се предлагаат. Мерките треба да бидат порадикални, а не козметички. Мора да има радикални мерки и радикални промени за да имаме подобра и почиста животна средина. Ако мора Владата да им помогне на претпријатијата и фабриките, нека го направи тоа, но нека види дали се користи соодветно решение“, истакнува Џафери.

- Случајот „Југохром“

Движењето „Еко Герила“ низ годините активно се бореше против проблемот со енормното загадување на воздухот во Тетово, за што организираше протести на кои присуствуваа десетици илјади граѓани, што подоцна придонесе Владата на Република Македонија да донесе одлука за затворање на комбинатот „Југохром“, бидејќи беше најголемиот загадувач на воздухот. Сега, Џафери наведува дека Тетово има помалку загаден воздух за 60 отсто.

Според него, издвоените 1,5 милион кои Владата ги додели на „Југохром“, за поставување на еколошките филтри, според одредени сознанија не се доволни, туку се потребни 12 милиони евра и две години за поставување на соодветни филтри. Еколошките здруженија сакаат да има независно тело кое ќе го надгледува процесот, со цел да бидат уверени дека поставувањето на филтрите ќе биде во согласност со законските прописи и стандарди.

- Нарушување на здравјето поради проблемите со животната средина

Колку се сериозни проблемите кои ги предизвикуваат нерешените еколошки проблеми, според Џафери говори и состојбата на иселувањето на младите луѓе кои не се иселуваат само поради економските причини, туку и поради желбата за севкупно подобрување на квалитетот на животот, меѓу кои е и екологијата.

Во оваа смисла, не се мали ниту бројките на заболени лица од разни болести како што се заболувањата на респираторниот систем.

Џафери објаснува дека Институтот за јавно здравје на Република Македонија објави податоци, според кои за време на работењето на комбинатот „Југохром“ во Тетово бројката на деца на возраст 0 - 6 години, заболени од респираторни болести, изнесувала над 23 илјади случаи, додека сега, откако не работи „Југохром“, оваа бројка изнесува 17 илјади.

Овој активист за животна средина порачува дека е добар знак што се намалува оваа бројка, но дека е лошо што проблемот сѐ уште постои.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.