Admir Fazlagic
07 Декември 2018•Ажурирај: 09 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во обраќањето до јавноста вечерва истакна дека во Кабинетот на претседателот на Република Македонија „никогаш не се разговарало ниту се размислувало за прогласување на воена или вонредна состојба", јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов истакна дека се обраќа до јавноста со цел да ги разобличи, како што рече, сите лаги, конструкции и црни сценарија од изминатиот период.
„Од почетокот на мојата функција, одговорно ја претставувам државата и убеден сум дека само со чесен и транспарентен пристап ќе можеме да се спротивставиме на лагите за наводна вмешаност на мојот Кабинет, Армијата на Република Македонија и Агенцијата за разузнавање во настаните околу 27 април. Во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, никогаш не се разговарало, ниту се размислувало за прогласување на воена, или вонредна состојба", истакна Иванов.
Со тоа, рече Иванов, ги отфрла и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз него да отстапи од некаков, како што рече, наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба.
„Сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен Врховен командант на вооружените сили и паралелен Генералштаб на Армијата на Република Македонија", рече Иванов и истакна:
„Вистинското прашање е кому во тие моменти му одело во прилог да го злоупотреби Кабинетот на Претседателот и да креира лажна перцепција за прогласување на воена или вонредна состојба."
Додаде дека година и пол, тој како претседател на Република Македонија и неговиот Кабинет се постојана мета на лажни вести и лажни конструкции, со цел по секоја цена да ги вмешаат во настаните од 27 април.
„Од 21 април 2017 година, без никакви докази и индиции се обвинува Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Се вршат притисоци и закани кон мене, со цел да потклекнам и да отстапам од моите ставови во врска со политичките случувања во Република Македонија и политиките кои ги спроведува актуелната Влада. По кој знае кој пат повторувам дека нема да отстапам од моите ставови", истакна Иванов.
Тој рече дека во изминатите денови имало лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април.
„Прво, сакам да укажам дека за давање лажен исказ пред Суд, кривично се одговара.Второ, ги охрабрувам сите оние кои ме обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник", рече Иванов.
Според него, овие институции треба да одговорат на прашањата каде биле одговорните лица на 27 април или претходно, и дали постојат какви било административни записи за подготовки на некакви сценарија за воена или вонредна состојба.
Потсети дека во врска со настаните од 27 април, Кабинетот на Претседателот и Агенцијата за разузнавање ги доставија сите извештаи до Основното Јавно Обвинителство. Потсети и дека неговиот Кабинет во неколку наврати ги демантирал, како што рече, лажните вести со кои во континуитет се гради негативна перцепција за нив.
„Она што намерно или ненамерно се избегнува, а граѓаните треба да го знаат е дека „Јасен“ е Јавно претпријатие и е под надлежност на Владата. И овој факт е лесно проверлив. Отфрлен е и обидот да се прикрие непрофесионализмот на странски разузнавач, под изговор дека Кабинетот му дал дозвола за влез во македонското Собрание", истакна Иванов
„Од друга страна, сакам да потенцирам и дека во изминатиов период сме сведоци на неказнивост по планирано истекување на класифицирани документи од УБК (Управа за безбедност и контраразузнавање), за што ги повикувам надлежните институции да дејствуваат и санкционираат ваквите појави, кои ја загрозуваат националната безбедност", потенцираше претседателот.
Иванов во обраќањето потсети дека „како претседател на Република Македонија уште пред две години укажал дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија".
Иванов порача дека ова не е ништо друго освен класична хајка и линч, со очајно смислено сценарио против него, неговиот Кабинет и наведените институции.
„Ве уверувам дека со нарачани лажни искази и генерирање лажни вести нема да се прикрие реалноста и вистинските нарачатели на настаните од 27 април. Кабинетот на Претседателот не е дежурна служба за давање алиби", порача Иванов.