Besar Ademi, Senada Ibraimova
01 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
СКОПЈЕ (AA) – На иницијатива на новоформираното здружение „За заедничка Македонија“ и вечерва илјадници грѓани маршираа низ скопските улици за да му дадат поддршка на претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов кој претходно изјави дека „нема да го додели мандатот на секој оној кој преговара за платофрми на други држави", јавува Anadolu Agency (AA).
Протестниот марш започна од пред Владата на Република Македонија, продолжи кон Собранието и заврши пред седиштето на СДСМ каде што бараа оваа политичка партија да не ја прифати платформата на албанските политички партии во Македонија која според нив го загрозува суверенитетот и независноста на државата.
Протестот заврши мирно, а во меѓувреме организаторите најавија дека ќе продолжат да протестираат и во следните денови додека не бидат исполнети нивните барања, вклучувајќи го и барањето за одбивање на законот за двојазичност на целата територија на Македонија што според нив ќе ја однесе Македонија кон редефинирање. Иако организаторите апелираа на протестите да не се појавуваат етнички и национални симболи, сепак присутните граѓани не го почитуваа овој апел и на собирот можеа да се слушнат и националистички пораки.
Претходно, претседателот Ѓорѓе Иванов изјави дека по изборите одржани на 11 декември минатата година, Македонија се соочи со „непријатно изненадување од една постизборна политичка платформа од туѓа држава."
Тој посочи дека содржината на платформата е „надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор и го загрозува унитарниот карактер, суверенитетот и независноста на Република Македонија."
- Протест на студентите против албанската платформа
Претходно, во текот на денот група студенти кои се организираа преку социјалната мрежа „Фејсбук“, под мотото „НЕ, за тиранската платформа“ денес се собраа пред студентскиот дом „Кузман Ј. Питу“ во Скопје, за како што велат тие, да го изразат својот став против двојазичност на целата територија на Р. Македонија Денес на балконите и прозорците од студентскиот дом „Кузман Ј. Питу“ имаше истакнато неколку македонски знамиња, а педесетина студенти се собраа пред домот за, како што велат тие, да го изразат својот став главно против двојазичност на целата територија на Македонија.

„Нашиот став е јасен, сакаме да живееме во унитарна и суверена Македонија. Сакаме во Македонија да се цени квалитетот на човекот и неговото знаење, а не да се решава иднината по етнички клуч и уцени. Ние, студентите, не прифаќаме никакви уцени. Ние сме против двојазичност на целата територија на Република Македонија“, истакна во име на собраната група студенти, Ристо Колев, студент на Економскиот факултет во Скопје.
Тој меѓу другото рече дека албанскиот јазик не смее да биде услов за вработување на студентите на сите институции, нивоа и и општини.
„Ние, младите, сакаме унитарна Македонија во која поединечноста ќе биде приоритет, а не етничките права“, нагласи Колев.
„Студентите за Македонија“ на новорегистрираната Фејсбук страница се претставуваат како „независна, непартиска студентска иницијатива што се залага за унитарна и суверена Македонија, која е против тиранската платформа“.
- Заедничка платформа на албанските партии во Македонија
Заедничката платформа на албанските политички субјекти во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11. декември минатата година, со посредство на премиерот на Албанија, Еди Рама. Преку оваа заедничка платформа, која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија, лидерите на албанските политички партии се обврзуваат дека нема да учествуваат во новата влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.