Admir Fazlagic
21 Јануари 2017•Ажурирај: 22 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати честитка до Доналд Трамп по повод стапувањето на должноста претседател на Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Anadolu Agency (AA).
Во честитката македонскиот претседател изрази задоволство и упати најискрени желби за успешно извршување на како што наведе, високата и одговорна функција. Претседателот Иванов изрази надеж дека стратегиското партнерство и пријателство помеѓу Македонија и САД ќе продолжи и во иднина.
„Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да искажам надеж дека со заемен ангажман ќе дадеме личен придонес за интензивирање, продлабочување и зацврстување на стратегиското партнерство и пријателство меѓу Република Македонија и Соединентите Американски Држави, за што потврдувам дека постои особен интерес и подготвеност од Република Македонија. Длабоко сум уверен дека со Вашето лидерство Соединетите Американски Држави ќе продолжат по патот на прогресот", пишува во честитката.
„Верувам дека Вашето лидерство e значајно и на глобален план, посебно сега кога светот се соочува со бројни предизвици и кога повеќе од било кога е неопходно единство, заемно почитување и искрена соработка. Високо ги почитуваме Вашите ставови и надворешно политички цели. Глобалниот поредок има потреба од јакнење на пријателството меѓу државите, без наметнување на интересите и со почитување на правото на избор на нациите во светот. Сакам да знаете дека во Република Македонија и во мене имате искрен пријател и поддржувач", се истакнува во честитката.
Инаку, Доналд Трамп во петок во Капитол во Вашингтон положи заклетва со што и официјално стана 45. претседател на Соединетите Американски Држави.