Ekip?
12 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
НОВИ ПАЗАР (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Нови Пазар порача дека Нови Пазар треба да биде моќен и силен, бидејќи, како што рече, во разделувањето и поделбата е слабоста, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мојата единствена желба е Нови Пазар да биде единствен, моќен и силен, и да се држи братски. Сите бидете Нови Пазар, бидејќи во раздвојувањето е слабоста, а во заедништвото силата", рече Ердоган, за време на посетата на Бошњачкиот национален совет (БНВ) каде што го дочека претседателот на БНВ, Сулејман Угљанин.
Турскиот претседател во оваа пригода истакна дека граѓаните на Санџак и Бошњаците во Србија не ги гледа само како блиски роднини, додавајќи дека бошњачкото малцинство своите права може да ги бара според законот и Уставот на Србија.
Тој, исто така нагласи дека би било многу корисно во момент на барање на своите права да се користи конструктивен и интегративен јазик.
„Нашата најголема желба е да бидете силни во политичка и економска смисла, со цел да учествувате во општествениот живот во земјата во која се наоѓате“, рече Ердоган, свртувајќи го вниманието на високата стапка на невработеност во Санџак, особено меѓу младите луѓе.
Тој додаде дека турските власти прават значителни напори за зголемување на турските инвестиции во Санџак, за што како што рече, разговарал за време на неговата посета на Белград.
Тој изрази задоволство што турските бизнисмени сакаат да инвестираат уште повеќе во Србија.
„Вчера направивме чекор кон увоз од пет илјади тони месо од Србија. Јас истакнав дека еден дел од тоа доаѓа од Нови Пазар. Денес разговаравме дека тука може да се отвори и фабрика за мебел“, рече Ердоган, а исто така се осврна и на автопатот Белград - Сараево.
„Разговаравме дека еден крак од патот оди за Санџак, а другиот преку Тузла за Сараево, а тоа на овој регион ќе му донесе дополнителен развој и динамика. Ќе гледаме Министерството за транспорт да направи истражување за изводливоста, за да можеме на оваа тема да разговараме со изведувачите и за трошоците. Постои загриженост дека овој дел ќе биде запоставен ако изградбата започне преку Тузла. Ние немаме такво мислење. Напротив, сметаме дека двата крака можат да работат заедно“, рече претседателот на Турција, истакнувајќи дека е многу важно да се работи координирано.
Тој посочи дека релевантните министерства на Турција и Србија ќе работат заедно во врска со овој проект.