Andelija Stojkovic
12 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
БЕЛГРАД (АА) - Медиумите во Србија генерално многу позитивно пишуваа за посетата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган на Србија, а најголемо внимание е посветено на неговото обезбедување, на разговорите за економската соработка и соработката меѓу Србите и Бошњаците, јавува Anadolu Agency (АА).
На речиси сите насловни страници на медиумите во Србија на 10 и 11 октомври, беше посетата на претседателот на Турција на таа земја.
Текстот за бројот на луѓе кои во Србија ќе го обезбедуваат претседателот на Турција доминираа во пресрет на неговата посета. Во врска со личното обезбедување на Ердоган, но и за тоа колку специјални антитерористички единици се ангажирани за обезбедувањето пишуваа многубројни портали.
Во пресрет на посетата, најстариот дневен весник во Србија „Политика“, на насловната страница го објави и авторскиот текст на Ердоган во којшто говори за тоа дека соработката меѓу Србија и Турција е од клучна важност за мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот, но и во цела Европа. Тој во споменатиот текст за весникот „Политика“, рече дека Санџак и понатаму е мостот кој ги поврзува Србија и Турција.
Порталите во Србија посетата ја следеа од минута во минута, односно јавуваа за тоа дека турскиот претседател слетал во Србија, дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го дочекал на аеродромот, известуваа во врска со свечениот дочек во Палатата на Србија, за билатералната средба меѓу двајцата претседатели, за прошетката низ тврдината Калемегдан, за престојот во Нови Пазар.
За односите на Србија и Турција, како и на Србите и Бошњаците дневните весници пишуваа под насловите: „Градиме посилни врски, ова не е 1389“ и „Ердоган: Им велам на нашите браќа во Н. Пазар дека сме за мир“ и „Градиме сојуз на два народа“.
Медиумите во Србија, пишани и електронски, големо внимание посветија на економската важност на посетата, па така, се пишуваше за 4.000 работни места кои ги носи Турција, за тоа дека двајцата претседатели сакаат трговската размена меѓу двете земји да достигне една милијарда долари, дека Турција ќе учествува во изградбата на автопатиштата низ Србија како и за новиот Договор за слободна трговија и зголемените квоти за извоз од Србија до Турција.
Голем број на текстови се посветени на посетата на Ердоган на Нови Пазар, каде што медиумите повеќе пишуваа за изјавите на двајцата лидери, а помалку за пречекот на којшто имаше околу 15.000 луѓе и пораките со кои беше пречекан турскиот претседател.
Кога станува збор за посетата на Нови Пазар, медиумите пишуваа за добриот пречек пред говорот на двајцата претседатели, а се фокусираа на пораките за мир и потребата од единство и просперитет кои ги испрати Ердоган во Нови Пазар, но се пишуваше и за цитирањето на песната „Кога ќе погледнам од бедемот“ од страна на турскиот претседател.
Електронските медиуми просторот го посветија и на вечерата во чест на премиерот Реџеп Таип Ердоган, на која министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, пееше на српски и на турски јазик и ги забавуваше гостите.
Политичарите во Србија особено позитивно се изјаснуваа во врска со посетата, министрите ја нагласуваа економската важност на соработката со Турција во поглед на зголемувањето на бројот на туристите, трговската размена и инфраструктурата. И претседателот на Лигата на социјалдемократите на Војводина, Ненад Чанак, кој важи за голем поддржувач на евроинтеграциите, оцени дека посетата е важна и дека не треба да влијае на европскиот пат на Србија, бидејќи и самата ЕУ се обидува да ги „омекне односите со Турција“.