Ekipa
22 Ноември 2017•Ажурирај: 22 Ноември 2017
СОЧИ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на заедничката прес-конференција одржана по трилатералниот самит за Сирија, кој се одржа во Сочи, со својот руски и ирански колега, Владимир Путин и Хасан Рухани, истакна дека Турција, Русија и Иран постигнале консензус за пружање помош во спроведувањето на еден сеопфатен, праведен, слободен и транспарентен политички процес во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние постигнавме консензус за да помогнеме во спорведување на еден сеопфатен, праведен, слободен и транспарентен политички процес кој ќе биде под водство и ќе биде реализиран од страна на сирискиот народ, како што е дефинирано во Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност при Обединетите нации (ОН)“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека нивната денешна заедничка изјава е првиот чекор кој ги рефлектира принципите на нивната соработка, и додаде дека успехот на овие напори зависи од ставот на страните во Сирија, пред сè режимот и опозицијата.
„Се надевам дека оваа плодна соработка меѓу нашите земји позитивно ќе влијае во целиот регион, и ќе ги намали тензиите во регионот и ризикот од секташка поделба“, додаде турскиот претседател.
Ердоган истакна дека меѓу приоритетите на Турција ќе продолжи да биде политичкиот консензус и територијалниот интегритет на Сирија, како и исклучување на терористичките групи кои ја ризикуваат националната безбедност на Турција.
Инаку, Ердоган се состана со Путин и Рухани во Сочи на разговори во врска со конфликтот во Сирија.
На трилатералниот самит се дискутираше околу постигнатиот напредок во мировните преговори во Астана, како и за промените во зоните без судири во Сирија.
Зоните без судири се формирани претходно, за време на преговорите во Астана, Казахстан, за зајакнување на примирјето постигнато меѓу трите земји-гаранти во декември минатата година.