Adam Abu Bashal
22 Ноември 2017•Ажурирај: 23 Ноември 2017
АНКАРА/ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Со поднесувањето оставка на функцијата претседател на Зимбабве, заврши 37-годишното владеење на Роберт Мугабе во таа африканска земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Мугабе е роден во 1924 година во британската колонија којашто тогаш го носеше името Родезија. Дипломирал англиски јазик и историја во 1951 година, на Универзитетот Форт Хare во Јужноафриканската Република (JAR).

Повремено бил просветен работник, а славата ја стекна во 70-тите години на минатиот век, кога со Африканската народна унија на Зимбабве (ZAPU) се бореше против белците. Уште тогаш покажувал лидерски способности, а поради своите ставови беше во затвор од 1964 до 1974 година.
ЗАПУ, предводена од Мугабе, на изборите за независност одржани во 1980 година ја оствари и првата победа. Мугабе стана првиот премиер на Родезија и ја преименуваше земјата во Зимбабве.
За време на мандатот на премиер, кој траеше до 1987 година, Мугабе настојуваше да го подобри животниот стандард на жителите на Зимбабве, а со политиките што ги воведе во секторите образование, здравство и земјоделство, земјата оствари напредок.
Во 1987 година, Мугабе стана претседател на Зимбабве, кога на таа функција го наследи Канан Банана.
Оттогаш Мугабе, кој оставката ја поднесе на 21 ноември 2017 година, не изгуби на ниту едни избори.
Тој е татко на четири деца, а негова прва сопруга беше Сали Хејфрон, која почина во 1992 година. Две години подоцна, негова втора жена стана Грејс, со која е во брак до ден-денес.
Сепак, опозицијата подоцна го обвинуваше Мугабе за корупција, вршење притисок на опозицијата, лошо водење на економијата и за кршење на човековите права.
Противниците за Мугабе велат дека е лидер кој сторил сѐ за да остане на власт.
Процесот кој доведе до оставката на Мугабе почна на 6 ноември, со промена на Емерсом Мнангагве од местото потпретседател на државата. Мнангагве остро реагираше на оваа одлука, а поддршка му даде и војската.
Началникот на Генералштабот, Константино Чивенга, изјави дека се подготвени да преземат чекор доколку не се прекинат чистиките на поддржувачите на Мнангагве.
На 14. ноември, тенковите тргнаа кон Хараре, главниот град на Зимбабве, а се зборуваше и за удар.
Војската на Зимбабве на 15. ноември ја зазеде државната телевизија и преку неа соопшти дека не станува збор за удар.
Ден подоцна, претставниците на војската се состанаа со Мугабе за да разговараат за неговото поднесување оставка на функцијата претседател.
Државниот весник „The Herald“ (Хералд) по состанокот го објави соопштението на војската во коешто е наведено дека се приведени поголем број лица, односно криминалци од кругот на Мугабе.
Три дена по воената интервенција, Мугабе првпат се појави во јавноста, на церемонијата на дипломираните студенти на Отворениот универзитет на Зимбабве во Хараре.
На 20. ноември, во обраќање на државната телевизија „ZBC“, Мугабе изјави дека вонредниот конгрес ЗАНУ-ПФ ќе биде организиран во наредните неколку недели, а ќе го предводи тој.
Мугабе го повика кабинетот на состанок, но не ја доби очекуваната поддршка, а членовите на кабинетот не присуствуваа на состанокот.