Nurhan Çorlu
13 Ноември 2017•Ажурирај: 13 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пред заминувањето во посета на Русија одржа прес-конференција на истанбулскиот аеродром „Ататурк“, на која изјави: „Синоќа во Северен Ирак се случи земјотрес. На сите наши браќа во подрачјето и на народот на Ирак и на Иран им изразувам сочувство за починатите, за загинатите посакувам прошка од Господ, а за ранетите побргу заздравување“, јавува Anadolu Agency (AA).
- „Хуманитарна помош од 50 шлепери во моментов мина низ граничниот премин 'Хабур' во Ирак“ -
Претседателот Ердоган за земјотресот што го погоди ирачко-иранското погранично подрачје рече: „Веднаш по земјотресот, во погодените подрачја ги испративме соодветните организации. АФАД, Црвената полумесечина и останатите единици во моментов работат околу спасувачките операции на теренот, а покрај тоа, со координација на АФАД и Црвената полумесечина, во моментов конвој од 50 шлепери хуманитарна помош го мина граничниот премин 'Хабур' и влезе во Ирак“.
Во врска со испратената хуманитарна помош, Ердоган истакна: „Освен лекови, во рамките на хуманитарната помош испративме ќебиња, шатори и даваме секаков вид поддршка што им е потребна на погодените од земјотресот, така и ќе продолжиме. Како што знаете, Турција отсекогаш во тешките ситуации била покрај своите браќа од регионот. На сите наши институции дадени им се инструкции најитно да ја достават потребната помош до загрозените во регионот, да ги задоволат потребите на погодените од земјотресот и да им помогнат на ранетите. Нашите желби и молитви се да не се зголеми бројката на жртвите од земјотресот“.
- „На Путин ќе му ги пренесам нашите очекувања за визно ослободување“ -
Турскиот претседател Ердоган околу претстојната посета на Русија и средбата со претседателот на Русија, Путин, рече: „Со Русија се договоривме за трговска размена од 100 милијарди долари и се придржуваме кон тоа. Можам од тука да кажам дека за остварување на таа цел, успеавме да ги остраниме поголемиот дел од пречките. Се надевам дека преостанатите неколку трговски ограничувања ќе успееме да ги отстраниме во најкус временски период. На почитуваниот Путин повторно ќе му ги пренесам нашите очекувања за визно ослободување“.
- „Услов е лидерите од регионот да дејствуваат според здравиот разум и да ја прекинат играта што се води“ -
За ситуацијата во регионот, турскиот претседател рече:
„Продолжува позиционирањето на Турските вооружени сили во Катар. Овој период е показател за значењето што му го придаваме на Катар и генерално, на целото подрачје на Заливот. Сите земји од Заливот се наши браќа, древни пријатели. За нас од примарна важност е стабилноста на Саудиска Арабија, на Катар, Кувајт, Бахреин, Оман. За жал, извесен период имаме политика на репресија меѓу овие земји. Ние многу добро знаеме од чија страна сето тоа се прави. Всушност, и светот тоа многу добро го знае. Услов е лидерите од регионот да дејствуваат според здравиот разум и да ја прекинат играта што се води“.