Beril Çanakcı
14 Март 2025•Ажурирај: 15 Март 2025
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес истакна дека единството и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина имаат „фундаментално“ значење, нарекувајќи ги сепаратистичките пристапи во оваа балканска земја „неприфатливи“, јавува Анадолу.
Ердоган го порача тоа за време на состанокот зад затворени врати со Денис Беќировиќ, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, во претседателскиот кабинет во Долмабахче во Истанбул, се вели во официјалното соопштение.
Според Директоратот за комуникации на Туркије, на средбата станало збор за последните случувања во Босна и Херцеговина, како и за регионални прашања.
Ердоган истакна дека внимателно ја следи ситуацијата по одлуката на судот против Милорад Додик, претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС), и дека е во контакт и со регионалните лидери.
Судот на БиХ минатиот месец го осуди Додик на една година затвор и му забрани да учествува во политиката шест години поради непочитување на авторитетот на највисокиот меѓународен претставник во земјата кој го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор од 1995 година, со кој заврши војната во земјата.
По пресудата, Националното собрание на Република Српска гласаше за забрана на државните институции - вклучувајќи го Врховниот судски и обвинителски совет, Обвинителството, Судот на Босна и Херцеговина и Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) - да работат во рамките на ентитетот РС.
Додик, кој потпиша мерки кои се противат на Уставот на БиХ, рече дека нема да се придржува на поканата на Судот или Обвинителството откако спорните закони ќе стапат на сила, тврдејќи дека ќе биде заштитен од полицијата на Република Српска.
Националните медиуми ги нарекоа потезите „државен удар“, додека Уставниот суд на Босна и Херцеговина ги поништи неговите контроверзни одлуки.
За време на денешниот состанок, Ердоган ја истакна важноста од деескалација на тензиите во уставната рамка на Босна и Херцеговина и владеењето на правото. Тој повика на широк општествен консензус за одржување на единството на земјата и ги отфрли сепаратистичките напори.
Ердоган, исто така, ја нагласи потребата за одржување на мирот и стабилноста на Балканот во услови на растечки регионални и глобални безбедносни предизвици, и ја потврди поддршката на Туркије за територијалниот интегритет, суверенитет и уставниот поредок на Босна и Херцеговина.