Şeyma Yiğit
13 Март 2025•Ажурирај: 14 Март 2025
АНКАРА (АА) - Во време кога се интензивираат дискусиите за зголемување на воените трошоци и изградба на автономна европска одбрана во контекст на безбедносните гаранции што европските земји треба да ѝ ги дадат на Украина, францускиот печат упати пофалби за Туркије, која значително ја намали нејзината воена зависност однадвор, известува Анадолу.
Францускиот канал БФМТВ (BFMTV) во веста со наслов „Дали одбраната на Европејците минува низ Анкара“ наведува дека „под раководство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, зависноста на турската Армија однадвор од 70 % е намалена на 30 %, што е развој на настаните на кој ќе му позавидат Европејците кои се воено зависни од САД“.
Во веста се наведува дека односите меѓу Брисел и Анкара не се униформни и поради постоењето на разлики во мислењата меѓу Европската Унија (ЕУ) и Туркије, особено во однос на членството во Унијата, се отвораат дискусии дека „не е можна европската одбрана без Туркије“.
Осврнувајќи се на напредокот што Туркије го постигна последниве години во зајакнувањето на својот воен капацитет, во веста се наведува дека домашните производи на турската одбранбена индустрија се извезуваат во повеќе од 180 земји, вклучувајќи ги и европските земји како Полска и Романија.
Се нагласува и дека „светски познатите“ беспилотни летала „Бајрактар TБ2“ се меѓу воената опрема што се извезува од Туркије во многу земји.
Во веста е објавено и тврдењето на „Фајненшал тајмс“ дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги повикал европските земји да воспостават поблиски врски со Туркије во нивните одбранбени политики.
Се потсетува дека Туркије, важен актер во однос на безбедноста на континентот, ја има втората по големина армија во Алијансата по САД.
Во веста се цитира и министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, кој изјави: „Ако треба повторно да се воспостави европската безбедносна архитектура, тоа не е можно да се стори без Туркије“.