Sertaç Bulur
13 Ноември 2017•Ажурирај: 14 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Најмалку 38 терористи се неутрализирани во операциите што турските безбедносни сили ги извршија во изминатите седум дена. Меѓу нив е и Кочали Бала, кој го користел и псевдонимот Муса, а станува збор за баран терорист од Сивата листа на Министерството за внатрешни работи на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за внатрешни работи на Турција соопшти дека турските сили во периодот од 6 до 13 ноември извршиле вкупно 1.456 операции против сепаратистичките терористички организации.
Полицијата, притоа, лиши од слобода 176 осомничени поради поврзаност со терористичката организација ПКК, 390 осомничени за поврзаност со ДЕАШ, 586 осомничени за поврзаност со ФЕТО и 15 осомничени за поврзаност со левичарското терористичко движење.
За време на операциите, турските сили неутрализираа вкупно 38 терористи на ПКК, меѓу кои и еден од најбараните терористи, Кочали Бала, со псевдоним Муса. Во соопштението се наведува дека 16 терористи се убиени, 14 се уапсени, а осуммина се предале на турската полиција.
Во југоисточниот дел на Турција, војската, жандармеријата и полицијата уништија 78 новооткриени терористички скривалишта на планините.
Терористите на ПКК своите активности ги подготвуваат воглавно на недостапните планински подрачја во југоисточниот дел на Турција, а со цел да се спречат терористите во подготовките за зимата, турските сили од септември ги интензивираа операциите во тие краеви и досега уништија 146 скривалишта.
Во тие скривалишта, пронајдени и запленети се повеќе тони брашно, масло, шеќер и други намирници, како и голема количина облека и лекови што терористите ги подготвуваат за зимата.