Enes Kaplan
09 Ноември 2017•Ажурирај: 10 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција нема повеќе време за губење коешто во минатото се случувало поради незнаење, недоразбирања или поради други причини, туку дека е дојдено времето за крунисување на сите крупни достигнувања и напредокот остварени во изминатите 15 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денеска во Претседателската палата ги прими претставниците на локалните заедници од источните и југоисточните турски градови, а во своето обраќање изрази задоволство што по 41. пат присуствува на приемот на претставниците на најниските инстанци на локалната власт, кои ги оцени како посебна моќ на Турција.
„Турција во 2019 година преминува во нов систем на управување. Подготвени сме за тоа, нели? Нашиот народ на референдумот на 16 април го одобри воведувањето на претседателскиот систем. Сега се подготвуваме за имплементација на тој процес. Се разбира, месните заедници и вие како нивни претставници, и во новиот систем ќе имате важна и одговорна улога“, рече Ердоган.
Изразувајќи уверување дека Турција и изборите во 2019 година ќе ги дочека со нов ентузијазам, Ердоган рече дека од Парламентот, Владата и од сите институции се очекува посветено да работат на тој план и на визијата за развој на Турција, која, како што рече, нема повеќе време за губење.
Осврнувајќи се и на минатогодишниот обид за воен удар во Турција, кој го изведе терористичката организација ФЕТО, Ердоган рече дека дел од поданиците на терористичката организација ФЕТО денес се или зад решетки или избегале од Турција, и дека подмолниот водач на таа организација од 1999 година не ја менува адресата во Пенсилванија, каде што на посед од 40 хектари живее со своите робови.
Порача дека и тој водач ќе одговара за своите дела, порано или подоцна, како и сите оние што му беа сојузници.
„Ние не ја спуштивме, ниту пак некогаш ќе ја спуштиме главата онаму од каде што добиваат наредби овие подлеци, кои ја продадоа оваа земја и народ за долари и кои се обидуваат да нѐ поделат“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција знае кој на кого, и со какво восхитување му телефонирал ноќта на обидот за пуч, но дека не е време ниту место на телевизија да се зборува за тоа, Ердоган рече дека за тоа ќе разговара со одредени кругови на меѓународните собири.
„Да не се лажеме, добро знаеме кој е кој. Затоа на некои лица од одредени земји веќе никогаш нема да им дозволиме така лесно овде да се шетаат и да се ројат. Ќе сториме сé што е потребно“, порача Ердоган.
Осврнувајќи се на актуелната политичка сцена во Турција, Ердоган изрази задоволство од поддршката што опозициската Партија за национално движење (MHP) ѝ ја дава на Владата за виталните теми и проекти.
Тој додаде дека е тажен поради невтемелената и површна политика што ја води главната опозициска Републиканска народна партија (CHP).
Потсетувајќи дека заменик-претседателот на таа партија во неодамнешниот говор него лично го нарекол фашист и диктатор, Ердоган рече дека за тоа пресудата ќе ја донесе народот, но дека тоа е само показател оти тој човек не знае што е фашизам и што е диктатура.
„Ако бев диктатор или ако во земјава владее некаква диктатура, овој човек немаше да може така јавно да зборува на плоштадите. Веднаш некој би дошол по него и би го одвел ... тоа не е шега. Тоа што лидерите на Републиканската народна партија слободно зборуваат на плоштадите е доказ дека во Турција постојат слободи“, рече Ердоган.