Barış Seçkin
19 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
РИМ (АА) - Премиерот на Италија, Џузепе Конте, со хрватскиот колега Андреј Пленковиќ се состана во Рим каде што разговараа за билатералните односи, како и за регионални прашања, при што Пленковиќ истакна дека е „можно укинување на блокадите во процесот на членството во ЕУ на Северна Македонија и Албанија", јавува Anadolu Agency (AA).
Конте се осврна на економските односи на Италија и Хрватска и изјави дека односите на двете земји би можеле додатно да бидат унапредени.
Тој потсети дека Хрватска во јануари ќе го преземе претседавањето со ЕУ.
„Хрватското претседавање доаѓа во еден клучен период кога станува збор за иднината на Унијата“, изјави Конте.
Тој зборуваше и за излезот на Велика Британија од ЕУ, односно Брегзит, и изрази уверување дека ќе дојде до уреден Брегзит и дека до декември 2020 година ќе биде постигнат договор за слободна трговија, што ќе ги задоволи како Велика Британија, така и ЕУ.
Двајцата премиери се сложни околу забрзувањето на проширувањето на ЕУ.
Пленковиќ изјави дека имаат стабилни односи со Северна Македонија и Албанија и дека е можно укинување на блокадите во процесот за членство на овие земји.
„Ние се обидуваме да ги убедиме земјите кои имале резерви да ги отстранат нивните приговори пред Хрватска во Загреб да биде домаќин на состанокот на врв на земјите членки на ЕУ и државите на Западен Балкан“, изјави Пленковиќ.
Хрватскиот премиер изјави дека Рим на Загреб му е најважен економски партнер, а се осврна и на значењето на малцинството, кое го нарече мост меѓу двете земји.