Zülfiya Yakup
18 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
ПРИШТИНА (AA) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, ја одби поканата на албанскиот премиер Еди Рама да учествува на третиот по ред состанок на иницијативата за таканаречениот „мини-Шенген“, кој се одржува оваа сабота во Албанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во текстот објавен на неговиот фејсбук-профил најпрвин се заблагодари, како што рече, на неговиот пријател Еди Рама на поканата да учествува на регионалниот состанок на државите од Западен Балкан и изрази благодарност за поддршката која Албанија ја дава на Косово.
Меѓутоа, како што нагласи, Република Косово, за разлика од Република Албанија, и понатаму има сериозни пречки во консолидацијата на својата држава, а главната пречка доаѓа од Србија која во сите облици и можности непрекинато ги поткопува косовските напори во консолидацијата на државноста.
„Србија изврши геноцид над граѓаните на Република Косово и денес не само што ги негира злосторствата, туку и понатаму негира постоење на нашата држава. Во таква ситуација, повиците за регионална соработка потполно се бесмислени. Србија и Босна и Херцеговина не ја признаваат државата Косово“, напиша косовскиот претседател Тачи.
„Затоа, сѐ додека не постои заемно признавање со тие држави, не може да има напредок во поглед на регионална соработка. Конечно, Косово цели кон членството во НАТО и во ЕУ, а не да стане дел од регионални експериментални иницијативи, кои се резултат на неспособноста на ЕУ да ги отвори вратите за членство на земјите од Западен Балкан. На крајот, сакам да нагласам дека околностите кои го спречија учеството на Република Косово на првиот состанак одржан во Нови Сад и вториот одржан во Охрид не се сменија. Како резултат на тоа, јас како претседател на Република Косово, во име на државните институции одбивам да присуствувам на третиот состанок на овој регионален формат кој се одржува во Тирана“, наведе Тачи.
Тачи одби да учествува на Охридскиот самит во ноември, затоа што Косово не беше повикано на првиот состанок во октомври во Нови Сад.
Следната средба на која ќе се разговара за идејата за т.н. иницијатива „мини-Шенген“ на балканските земји е предвидена да се одржи в сабота, 21 декември, во Драч. Претходно се одржаа две средби за оваа иницијатива, во Нови Сад и во Охрид.
Кабинетот на премиерот на Албанија вчера информираше дека на состанокот на т.н. иницијатива „мини-Шенген“, испратена е покана до претседателот на Косово, Хашим Тачи, да ја претставува својата земја.
На првата средба во Нови Сад учествуваа премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ. На вториот состанок во Охрид, на тројцата лидери им се приклучија и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.
По средбата во Охрид, Владата на Северна Македонија информира дека основата на заедничката Декларација донесена од државите во регионот е заедничката соработка и посветеност кон елиминирање на сите пречки за слободно движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот, како придонес за граѓаните на државите од регионот во остварувањето на крајната цел, полноправно членство во Европската Унија (ЕУ).
Србија и Босна и Херцеговина не ја признаваат независноста на Косово. За речиси една година, напнатите политички и економски односи меѓу Косово и Србија предизвикаа престанок на преговорите меѓу Белград и Приштина. Во меѓувреме, неодамнешното негирање на масакрот во Речак од страна на Србија, ги натера политичките партии во Косово да побараат поинаков пристап во односите меѓу Албанија и Србија.