Stipe Majic
29 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
ЗАГРЕБ (АА) - На почетокот на дводневната официјална посета на Република Хрватска, претседателот на Република Албанија, Илир Мета, се состана со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ со која разговараше за билатералните односи на двете земји, за соседството и процесот на напредување на земјите на регионот кон Европската Унија и НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот, двајцата претседатели оценија дека односите на Хрватска и Албанија се партнерски и пријателски, што ги потврдуваат редовните хрватско-албански средби на највисоко ниво.
„Хрватска со векови беше засолниште за многу Албанци, а Албанците беа пријатели на Хрватска кога ни беа најпотребни, во времето на Татковинската војна“, изјави хрватската претседателка, и додаде дека албанското национално малцинство, кое има своја претставничка во хрватскиот Парламент, претставува силна врска меѓу двете земји.
Грабар-Китаровиќ истакна дека Хрватска посветено работи на остварувањето на членството на Албанија во Европската Унија, а истакнато е дека двете земји заедно ќе ја одбележат 10. годишнина од членството во НАТО-сојузот.
Мета изрази задоволство од тоа што и Северна Македонија ќе стане членка на НАТО, оценувајќи ја важна за стабилноста на соседството.
„Изразувам длабоко жалење што Европскиот совет не успеа да постигне консензус за остварување на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Го сметам тоа за голема грешка, погрешна порака“, изјави Колинда Грабар-Китаровиќ.
Таа додаде оти смета дека тоа двете споменати држави го заслужиле, како со реформите на внатрешен план, така и со решавањето на билатералните прашања.
„Хрватска во текот на своето претседавање ќе стори сѐ што е во наша моќ за да го аргументираме членството, како на Албанија, така и на Северна Македонија, односно почеток на преговорите за членство во Европската Унија“, порача Колинда Грабар-Китаровиќ.
„Веруваме дека само со влезот на сите земји од Југоисточна Европа можеме да постигнеме траен мир, пријателство, безбедност, стабилност и просперитет во оваа област, особено затоа што се соочуваме заедно со истите безбедносни предизвици, меѓу кои ќе бидат, не само миграциите, туку и голем број други предизвици, како што се климатските промени и загадувањето на животната средина“, додаде Грабар-Китаровиќ.
Илир Мета порача дека ја цени заложбата на Хрватска, но и на Бугарија и Грција, по прашањето отворање на преговори со ЕУ.
„Ветивме дека ќе ги зголемиме нашите напори во претстојните недели за што побрзо да добиеме позитивен одговор. Мило ни е што во фокусот на хрватското претседавање на Советот на ЕУ ќе биде проектот сите земји во регионот да станат членки на Европската Унија“, изјави Мета.
Тој додаде дека очекува Хрватска да стори сѐ за да се укинат визите за жителите на Косово и дека ќе дојде до либерализација на тие визи со оглед на преземените чекори во таа земја.
„Миграциите претставуваат посебен предизвик за Хрватска и Албанија. Мораме да бараме одржливи и трајни решенија за судирите и кризите кои предизвикуваат миграции и да се посветиме кон напорите насочени кон стабилизација. Исто така, границите во Југоисточна Европа мораат да бидат чувани и безбедни, а незаконските миграции мораат да се потиснат“, изјави Грабар-Китаровиќ.
Хрватската претседателка рече дека голем број хрватски компании се заинтересирани да инвестираат во Албанија, особено во областа на ИТ-технологијата, прехранбената индустрија и градежништвото, и го оцени проектот за Јадранско-јонскиот гасовод и неговата поврзаност со Трансјадранскиот гасовод како важен за енергетската безбедност и на двете земји и за диверзификација на енергијата.
Двајцата претседатели разговараа и за загадувањето на морето од отпадот што струите го носат на хрватското крајбрежје од јужните држави, особено во зимските месеци.
Мета и Грабар-Китаровиќ најавија личен ангажман во едукација за зачувување на морињата бидејќи пластиката што завршува во море се враќа во ланецот на храната. Според глобалните институции, секое лице неделно консумира пластика во тежина на кредитна картичка.
Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ ја посети Албанија минатата година, а денеска таа на Илир Мета му го додели највисокиот државен медал на Хрватска.
Двајцата претседатели разговараа за воспоставување на заедничка награда „Д-р Милан Шуфлај“, која би се доделувала на Хрватите и Албанците за посебните постигнувања во приближувањето на двата народи и држави.