Abdula Berisha
29 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
СКОПЈЕ
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција, се сретнаа со делегација од Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), предводена од претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, пренесува Anadolu Agency (AA).
На состанокот присутни беа и пратениците Енес Ибрахим, Амди Бајрам, Јусуф Хасани, Теута Биљали и Драган Цуклев, додека во делегацијата на МАТТО беа и потпретседателот Есер Џевахир, замениците на претседателот - Имер Селмани и Турхан Адеми, како и извршниот директор Шахпаз Молалиев.
Како што стои во соопштението од Собранието на Република Северна Македонија, на средбата се разменети мислења и предлози за подобрување на бизнисот и унапредување на економскиот развој на Република Северна Македонија, при што е оценето дека интензивните и пријателски билатерални односи меѓу двете земји отвораат простор за уште поинтензивна економска соработка.
„Претседателот Џафери изрази задоволство од воспоставувањето на комуникација и институционална соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и МАТТО, истакнувајќи го значајниот придонес на трговската размена меѓу Северна Македонија и Турција и на турските инвестиции во земјава кон економските текови и буџетот на државата. Истовремено, тој го подвлече значењето на соработката на МАТТО со сите стопански комори во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Нагласувајќи дека во изминатиот период главниот придонес на економската соработка бил фокусиран во Скопје и во југоисточниот дел од земјата, од Собранието информираат дека Џафери се заложил за зголемување на соработката и инвестициите во западниот и југозападниот дел од Република Северна Македонија.
Претседателот на Собранието нагласи дека меѓу пратениците од власта и опозицијата не постои разлика во врска со економските прашања, односно дека постои консензус за потребата за унапредување на економскиот развој и соработка.
Претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, изрази задоволство што Законодавниот дом е отворен кон бизнис-заедницата и информираше дека во МАТТО членуваат околу 100 еминентни компании од земјава и инвеститори од Република Турција, кои вработуваат речиси 10.000 граѓани на Република Северна Македонија.
Тој посочи дека турските инвестиции во земјава изнесуваат 2 милијарди американски долари, а вкупната трговска размена меѓу Северна Македонија и Турција повеќе од 521 милион американски долари, со заложба да се зголеми до една милијарда американски долари.
„Претставниците на МАТТО се заложија за понатамошна либерализација на Договорот за слободна трговија меѓу Северна Македонија и Турција, со што во голема мера ќе се зголеми обемот на трговска размена и ќе се унапреди влезот на домашните компании на турскиот пазар. Беше истакнато дека МАТТО спроведува активности во доменот на општествената одговорност, како што се стипендии за средношколци и студенти, при што беше нагласено дека Република Северна Македонија би можела да стане оаза на образованието, доколку се олесни влезот на идните странски студенти“, се вели во соопштението.