Fatjon Cuka
05 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
ТИРАНА (АА) - Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од министерот за странски инвестиции, Арлинд Зеќири, кој претстојува во посета на Албанија, оствари средба и со претседателот на Собранието на Албанија, Илир Мета, на којашто беше разговарано за зајакнување на соработката меѓу двете земји во однос на промоција на регионот во заедницата на странските инвеститори, јавува Anadolu Agency (AA).
Во официјалното соопштение од страна на Собранието на Р. Албанија, Мета и Зеќири го споделиле истото убедување дека во сегашниот контекст на глобалната геополитика, целиот балкански регион има подобра шанса за привлекување странски инвеститори. Во овој контекст, се вели во соопштението, двете соседни држави треба да работат поблиску за координирање на регионалниот пристап за инвестиции и за подготовка на прекугранични проекти, каде што инфраструктурното поврзување останува приоритет.
За време на состанокот, Мета истакнал дека албанскиот Парламент го поздравува учеството на младите албански кадри во Владата на Македонија и нагласил дека квалитетот на политичката застапеност на Албанците во Македонија служи на економскиот раст и на благосостојбата на подрачјата со албанско население.
Во заклучокот, говорникот Мета ја потврдил поддршката на Албанија за процесот на евро-атлантската интеграција на Македонија и истакнал дека регуларното одржување на изборите во декември ќе биде во служба на стабилноста и напредокот на овие процеси.