Sibel Vezaj
26 Август 2018•Ажурирај: 27 Август 2018
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, оствари заедничка средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Кабинетот на косовскиот претседател се наведува дека австрискиот канцелар, како домаќин на оваа средба, нагласил дека Австрија за време на претседавањето со ЕУ како главен приоритет ќе ги има политиките за проширување и добрососедство, како и за безбедност и миграција.
Во ова соопштение се нагласува дека друго прашање кое беше примарен фокус на оваа средба, беше процесот на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ.
Во врска со овој процес, канцеларот Курц ги охрабрил двајцата претседатели за продолжувањето на нивниот напор за постигнување договор.
„Постигнувањето договор е главен предуслов за членство на двете земји во ЕУ. Австрија го поддржува дијалогот и постигнувањето договор, како и интеграцијата на земјите на Западен Балкан во ЕУ“, истакнал Курц, се вели во соопштението.
Од друга страна, претседателот на Косово, Хашим Тачи, изрази задоволство од Австрија за помошта во рамки на процесот за интеграција во ЕУ, и постигнување евентуален мировен договор со Србија.
Според него, Косово со посветеност ќе ги исполни критериумите за членство во ЕУ и ќе вложи сериозен напор за постигнување законски мировен договор со Србија.
„Поддршката на Австрија и другите земји членки на ЕУ и постојаната поддршка на САД за постигнување договор се клучни во оваа конечна фаза на овој тежок, но неопходен процес“, рекол Тачи, се наведува во соопштението на Кабинетот на косовскиот претседател.