ИСТАНБУЛ (АА) – Јахја Мухасиловиќ – Можностите кои што ги има Хрватска по последните парламентарни избори не се толку светли.
Изборите беа повторени бидејќи не беше формирана влада цели 10 месеци. Националистичката партија ХДЗ (Хрватска демократка заедница), која во тесна трка ги доби изборите, ќе мора да бара коалициски партнер за да формира влада.
Оваа партија, која е формирана од страна на првиот претседател на Хрватска, Фрањо Туѓман, е десничарска партија којашто меѓу своите управни тела има членови – познати усташки симпатизери.
Усташите се припадници на движење коишто за време на Втората светска војна усмртиле стотици луѓе. Еден од познатите симпатизери на усташите е министерот за култура на Хрватска, Златко Хасанбеговиќ. Уште поважна работа е она што Пол Масон го постави како прашање во текст за „Гардијан“, односно во која насока го води регионот победата на ХДЗ. Тој во својот текст предупредува на зголемениот национализам во регионот.
Победата на ХДЗ доаѓа во момент кога десничарските движења во Европа добиваат поопуларност. Оваа популарност е предизвикана од бранот бегалци што доаѓаат од државите на Блискиот Исток, кои се уништувани од војни. Бегалците, пак, кои мигрираа кон Европа, како главна траса го користеа Балканскиот Полуостров. Кога ќе стивне занесот од победата на изборите, доколку успее да формира влада овој пат, новото раководство на државата ќе се насочи на односите Загреб – Белград.
Од друга страна, пак, во соседната Босна и Херцеговина се ближи референдумот, кој го најавува српското лидерство и има потенцијал да предизвика етнички судир. Со оглед на тоа што во БиХ 10% од населението го сочинуваат етнички Хрвати, се претпоставува дека Загреб многу претпазливо ќе го следи овој референдум.
Хрватска, која веќе 10 месеци не може да излезе од политичкиот ќор-сокак, во последно време се соочува и со социо-економски проблеми. Хрватска со 16% има најголема стапка на невработеност во ЕУ, по Грција и Шпанија. На некои места во државата, стапката на невработеност достига и до 40%. Поради оваа променлива стапка на невработеност, државата се соочува со неурамнотежен развој. Оваа ситуација предизвика голем одлив на мозоци во државите во Европската Унија.
По зачленувањето на Хрватска во ЕУ, миграциите на добро образованата средна класа достигнаа највисок процент. Според податоците на Федералното статистичко биро на Германија, во 2015 година околу 50 илјади Хрвати се преселиле во Германија. Од 2013 година наваму, кога Хрватска стана полноправна членка на ЕУ, досега само во Германија се преселиле 120 илјади Хрвати, што значи околу 3% од населението во Хрватска. Овие бројки ја покажуваат ургентноста за решавање на проблемот со миграциите.
Бројот на населението во Хрватска во 90-тите години бил 4,8 милиони жители, додека сега е паднат под 4,2 милиони, а според претпоставките на Обединетите нации, оваа бројка до 2050 година ќе падне на 3,5 милиони жители.
Војните, намалениот природен прираст и миграциите од регионот алармантно го намалија бројот на населението. Хрватска не е исклучок во регионот, каде што и другите држави страдаат од истиот проблем. Оваа држава, во која природниот прираст е намален и згора на тоа ги губи своите млади поради економски миграции, поминува низ социо-економска траума, ваквите економски миграции се занемарени од страна на западните сили, кои својата концентрација ја имаат насочено кон мигрантите што доаѓаат од Блискиот Исток. Најголемата група бегалци кои доаѓаат преку Балканот ја сочинуваат Сиријци, Авганистанци и Ирачани.
- Молк пред референдумот во Босна
Во Босна, целото јавно внимание е насочено кон референдумот, кој треба да се одржи на 25. септември. По одлуката на Уставниот суд дека денот за чествување на „Република Српска“ не е соодветен според Уставот, популистичкиот претседател на српскиот ентитет, Милорад Додик, реши да го изнесе проблемот со гласање на референдум. Со оглед на тоа што референдумот ќе биде спроведен во регионот каде што Србите се мнозинство, не е тешко да се претпостави резултатот. Босанските лидери стравуваат од тоа дека ова е само пробен референдум за отцепување.
Додик во своите популистички говори многупати упатувал закани за отцепување, но никогаш досега не беше преземал ваков чекор. Овој конкретен чекор се презема во период кога сојузникот на Додик, Русија, води сѐ поагресивни политики во регионот и во цела Европа. Москва, како и во случајот со кризата на владата на Груевски, кога се обиде да влијае во Македонија, не се исклучува можноста овој случај да го искористи како шанса во студената војна што ја води преку населението во Европа.
По избивањето на кризата во Украина и во Крим, од Бања Лука, каде што претежно живеат Срби, се очекуваше поостра политика. Исто така, многумина очекуваа од ЕУ и од НАТО да ѝ наметнат поостар изглед на оваа криза, за да биде спречена, и дека во тоа ќе вложат многу повеќе сили. Високиот канцелар на ЕУ, и покрај тоа што има ингеренции да ги спречи политичките процеси во Босна, или пак да ги унапреди, тој само даде критика за преземените активности на Додик. Останува да видиме што ќе донесе 25. септември за Босна, каде што веќе долго време има поделби по етнички линии.
Не е тешко да се процени дека Додик го користи моментот кога западните сили се со недостаток на ангажман кон случувањата во регионот. Всушност, овој став го делат многумина други. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер изјави дека ЕУ е замрзната за проширување во следните пет години. Изјавите од Брисел ги уништуваат и последните трошки надеж во регионот.
Ако ги земеме предвид блиските односи меѓу Бања Лука и Москва, Европа не може да си дозволи уште една украинска криза, меѓу најблиските соседи. Како што изјави германската канцеларка Ангела Меркел во петокот, на европскиот Самит во Братислава, „во овој критичен момент, не може да се дозволи уште една криза“. Особено не кога ЕУ се обидува да се освести од шокот од Брегзит, кога зголемениот национализам во државите-членки го уништува идеалот за ’здружена Европа’ и кога таа се наоѓа во егзистенционална криза.
Македонија е уште еден пример за држава со пасивен и мек став, кој дава повод за оружен конфликт. Минатата година во Куманово дојде до оружен судир меѓу албанска група во тој регион и македонската полиција. Главната причина за конфликтот е лошиот и дискриминирачки однос од страна на Македонците кон Албанците. Како и постдејтонска Босна, така и Македонија етничките проблеми ги решава од ден за ден.
Од друга страна, пак, државата се соочува со идентитетско прашање, односно проблемот со соседот Грција, која веќе десетици години не го признава нејзиното уставно име, што претставува блокада за евроинтеграцискиот процес на Македонија. Брисел во овој случај може да направи поголем притисок врз Атина околу нејзините блокади на Македонија во евроинтеграциите, што и би требало да го направи.
Во спротивно, иднината на државата не е на добар пат. Протестите од 2015 се првиот показател за ова. Македонија, заедно со Грција и Србија играше важна улога во бегалската криза минатата година. Бегалската криза само уште еднаш ја покажа важноста на регионот за целиот континент. Сега сите очи се вперени во договорот меѓу ЕУ и Турција за спречување на брановите мигранти кон Европа. Расправиите меѓу Брисел и Анкара во последно време можат да бидат закана за ваквиот договор, регионот веќе се бори со висока стапка на невработеност и национализам, така што, уште еден бегалски бран би значел зголемување на ксенофобијата и катастрофални резултати.
Со текот на годините, напуштањето на регионот се зголемува. По завршувањето на војните, на Балканот му се укажуваше европска перспектива, но напредокот е многу бавен. Државите како Македонија и Босна и Херцеговина сѐ уште ги немаат решено своите егзистенционални прашања. Светот се менува навистина брзо, а Брисел поради окупираност со сопствените проблеми, нема можност да ги следи овие промени.
Консолидацијата на моќниците во светот и студената војна даваат совршена атмосфера за ескалација на тензиите на Балканот.
Етничката омраза, високата стапка на невработеност, политизираниот јавен простор, миграциите, хроничната корупција и многу други прашања, придонесуваат за зголемување на тензиите во регионот. Игнорирањата на Брисел, па згора на тоа и давањето празни ветувања, отворија пат за повторна ескалација на тензиите, но овој пат не само во овој регион, туку постои ризик од проширување на овие тензии кон цела Европа.
„Времето истекува“, а регионот веќе премногу долго чека.
news_share_descriptionsubscription_contact
