Kayhan Gül
21 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
САРАЕВО (АА) – Кајхан Ѓул – Босанските Срби не отстапуваат од одржувањето на спорниот референдум за прогласување на Ден на Република Српска, и покрај тоа што е специфициран како нарушител на мирот и на заедничкото живеење во државата и беше одбиен од Уставниот суд. Одлуката за противуставноста на одбележувањето на Денот на Република Српска, која Уставниот суд на БиХ ја донесе во ноември минатата година, беше повторно ставена на маса по приговорот од страна на српскиот ентитет во државата, на седница минатата сабота. Судот донесе одлука за привремена суспензија на референдумот по обновувањето на одлуката за неуставност на прогласувањето на 9. јануари за Ден на Република Српска. За неуставност на одбележувањето на Денот на Републиката гласаа 7 членови на судот, а двајца членови, припадници на српската заедница го дадоа својот глас против.
Креатор на идејата и најголем поборник за референдумот е претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и претседател на Република Српска, Милорад Додик. Тој го најави референдумот, иако босанскиот Уставен суд претходно донесе спротивна одлука. Политичките претставници на бошњачкото население, пак, овој референдум го гледаат како проба за идно отцепување на Република Српска и го оценуваат како штетен за мирот и за заедничкото живеење во државата.
По донесената одлука од страна на Уставниот суд на БиХ, американската амбасада ги повика страните да се придржуваат кон одлуката и потсетија на Дејтонскиот договор, во кој јасно се прецизирани ингеренциите на Уставниот суд. Од амбасадата упатија повик до органите на Република Српска да се повлечат од референдумот, потенцирајќи дека овој чекор е противуставен и дека ќе биде закана за безбедноста, просперитетот и стабилноста на БиХ.
- Наместо подготовка за локални избори, подготовка за референдум
Најголемиот поборник за одржување на референдумот, СНСД, по одлуката на Уставниот суд, ги занемари подготовките и кампањата за локалните избори, кои ќе се одржат на 2. октомври, и се насочи кон подготовките за референдумот. Претседателот на опозициската партија СДС (Српска демократска странка), Младен Босиќ, објасни дека целиот процес е во тесна поврзаност со политичката кампања на СНСД за референдумот, и рече дека ваквата кампања е непотребна бидејќи сите знаат каков е ставот на српскиот народ во однос на прашањето што ќе биде поставено на референдумот. Од друга страна, пак, српскиот член на претседателскиот совет на БиХ, Младен Иваниќ, иако во рамките на ентитетите е во опозиција со Додик, по сѐ изгледа дека во врска со референдумот е негов сојузник. Тој на прес-конференција изјави дека Србите мораат да бидат здружени и најави дека ќе излезе да гласа на референдумот.
- Што рекоа Бошњаците и Хрватите?
Претседателот на Партијата за демократска акција (СДА) и босанскиот претседател во Претседателскиот совет, Бакир Изетбеговиќ, го повика Додик да се повлече од инсистирањето на референдум. Тој нагласи дека овој референдум ќе биде прекршок на уставната одлука и на Дејтонскиот договор, и додаде дека треба да се преземат санкции за одговорните на овие активности.
Хрватскиот член на претседателскиот совет, Драган Човиќ, повика на смирување на политичките тензии и на притисоците коишто настанаа како резултат на инсистирањето за тоа да се оди на референдум.
- Србија не го поддржува референдумот
Србија, која секогаш ги поддржува босанските Срби, овојпат одлучи да не го поддржи референдумот. Српскиот премиер, Александар Вучиќ, во изјава за државната телевизија, потсетувајќи дека и претседателот Томислав Николиќ претходно во изјава го има кажано ставот за референдумот, уште еднаш нагласи дека него не го поддржуваат.Тој потенцираше дека оние што сакаат да „чепнат" во Дејтонскиот мировен договор прават голема штета. „Дејтон не е идеален договор, но и ние сме едни од потписниците на тој договор, така што сме принудени да ја сносиме одговорноста“.
- Русија е на страната на босанските Срби
Додека цела меѓународна заедница е на ист став во врска со референдумот, Русија е на другата страна и го поддржува референдумот. Додека Советот за спроведување мир (PIC) изјави дека нема да прифати кршење на Дејтонскиот договор, Русија, која е членка на овој Совет, покажа дека е на страната на босанските Срби.
Поранешниот министер за внатрешни работи на БиХ, Јусуф Пусина, во претходна изјава за АА беше изјавил дека референдумот што се планира (за две години), е само тест за идно отцепување на РС и дека тој потег би бил реванш за Косово.
- Важноста на 9. јануари
На 9. јануари 1992 беше прифатен извештајот за формирање на Република Српска. Поради ова, меѓу српскиот ентитет датумот се слави како „Ден на Република Српска“.