Burç Eruygur
01 Јуни 2026•Ажурирано: 01 Јуни 2026
Ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, денес го оцени прашањето за одржување референдум за евентуално повлекување на неговата земја од Евроазиската економска унија (ЕАЕС) и последователно членство во ЕУ како „неразумно“, пренесува Анадолу.
Повикувајќи се на видеоизјавата објавена на платформите за социјални медиуми, ерменската државна новинска агенција „Арменпрес” пренесе дека Пашинјан нагласи оти Ереван работи и ќе продолжи да работи во рамките на ЕАЕС сè до моментот кога изборот помеѓу оваа организација и ЕУ „ќе стане неизбежен“.
„Секако, таа одлука мора да ја донесат граѓаните на Република Ерменија на референдум“, рече тој, додавајќи дека во моментов нема основа за одржување на такво гласање, бидејќи евроинтеграциите сè уште не се во фаза во која може да се понуди јасен избор.
„Одржувањето на каков било референдум на оваа тема би било 'неразумно' сè додека Ерменија или официјално не аплицира за членство во ЕУ, или не биде блиску до добивање кандидатски статус“, рече Пашинјан.
„Денес, тој избор е теоретски, а ставањето на теоретски избор на референдум, секако, не е ниту многу разумно, ниту оправдано“, додаде премиерот.
„Затоа, ќе продолжиме да работиме смирено и стабилно, без спорови, во рамките на Евроазиската економска унија, и убеден сум дека сè уште имаме потенцијал во оваа насока, кој ќе го искористиме во блиска иднина“.
Изјавите на премиерот доаѓаат во време кога лидерите на земјите членки на ЕАЕС, во заедничката изјава објавена вчера, ја истакнаа потребата од одржување референдум во Ерменија „што е можно поскоро“ за пристапувањето на земјата во ЕУ или за нејзиното натамошно членство во ЕАЕС.
„Се согласуваме со ставот дека во Република Ерменија треба што е можно поскоро да се одржи сенароден референдум за пристапување во Европската Унија или за продолжување на членството во Евроазиската економска унија“, се вели во соопштението.
Членки на ЕАЕС се Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Русија. Унијата е основана во 2015 година по иницијатива на Казахстан, со цел да се зачуваат економските врски во евроазискиот простор.
Сепак, прашањето за геополитичката ориентација на Ерменија стана сериозен извор на тензии во овој блок предводен од Москва. Ова следува по интензивирањето на односите меѓу Ереван и ЕУ, како и по усвојувањето на законската регулатива на почетокот од минатата година, со која започна процесот за евентуално пристапување на земјата во ЕУ.
Руските официјални претставници постојано предупредуваат дека членството во ЕУ и во ЕАЕС е неспоиво, додека ерменските власти остануваат на ставот дека имаат намера да ја задржат соработката во рамките на ЕАЕС, а истовремено да ги прошират врските со Европа.