Necva Taştan Sevinç
02 Јуни 2026•Ажурирано: 02 Јуни 2026
Неколку земји членки на НАТО, на источното крило на Алијансата, меѓу кои и Полска и балтичките држави, би можеле да станат дел од проширената рамка на САД за споделување нуклеарно оружје, во рамките на дискусиите што во моментов се водат во сојузот, објави денес „Фајненшал тајмс“, пренесува Анадолу.
Дискусиите кои се од доверлив карактер и не мора да резултираат со политички промени се водат во период на загриженост кај европските сојузници во однос на иднината на воениот ангажман на САД на континентот, под администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Официјалните претставници на САД сигнализирале подготвеност за распоредување на авиони со двојна намена (ДЦА) и во други земји членки на НАТО, надвор од шесте држави кои во моментов учествуваат во програмата на Алијансата за споделување нуклеарно оружје: Белгија, Германија, Италија, Холандија, Турција и Обединетото Кралство, се вели во веста.
Ваквиот чекор потенцијално би им овозможил на повеќе сојузници да станат домаќини на воздухоплови способни да носат американско нуклеарно оружје како дел од стратегијата на НАТО за одвраќање.
Земјите членки на источното крило на НАТО, меѓу кои и Полска и балтичките држави, покажаа интерес за отворање бази на ДЦА, се наведува во веста.
Полска е меѓу најсилните поддржувачи на поголемо американско нуклеарно присуство во источна Европа. Поранешниот претседател Анджеј Дуда претходно го повика Вашингтон да ги прошири договорите за споделување нуклеарно оружје и на полска територија.
Анонимен извор, цитиран од „Фајненшал тајмс“, изјави дека дискусиите за проширување на рамката имаат за цел да ја демонстрираат континуираната посветеност на Вашингтон кон нуклеарниот чадор на НАТО, дури и во услови кои ги поттикнуваат сојузниците да преземат поголем дел од товарот на конвенционалната одбрана на Алијансата.
Во веста се наведува дека интересот кај дел од земјите членки на НАТО пораснал по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година и почестите наводи на рускиот претседател Владимир Путин за нуклеарниот капацитет на Москва.
Програмата на НАТО за споделување на нуклеарно оружје е воспоставена за време на Студената војна, и им овозможува на сојузниците кои не поседуваат нуклеарен арсенал да учествуваат во нуклеарното планирање на Алијансата, додека американското нуклеарно оружје останува под контрола на САД.
Веста доаѓа во време кога европската алијанса бара гаранција за долгорочните безбедносни обврски на Вашингтон, по плановите за намалување на нивото на американските трупи и прераспоредување на воените капацитети во други региони.
Говорејќи по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО минатиот месец, генералниот секретар Марк Руте изјави дека постои „заедничко разбирање“ дека иако САД можат повеќе да се фокусираат на други региони, „целокупното одвраќање и одбрана во Европа мора да останат исти“.