Serdar Dincel
01 Јуни 2026•Ажурирано: 01 Јуни 2026
Либанскиот претседател Џозеф Аун денес изјави дека на преговорите со Израел под американско посредување им е потребно време и дека актуелниот конфликт нема да се реши преку ноќ, јавува Анадолу.
„Преговорите се побезбедни од војна. Ние го видовме и продолжуваме да го гледаме уништувањето од војната и нејзините последици“, рече Аун на состанокот со претставници на бизнис-секторот, како што се наведува во соопштението на Претседателството.
„Сепак, преговорите нема да го решат проблемот преку ноќ, тоа е процес кој бара време, а ние немаме друг избор“, додаде тој.
Аун појасни дека тоа што преговараат не значи дека се предаваат, туку дека преговорите се едноставно начин да се прекине војната со што е можно помалку штета.
Либанскиот претседател ја повтори посветеноста на неговата земја кон преговорите, велејќи дека преговорите „се движат напред“ и покрај можните одложувања што би можеле да се појават во процесот.
„Армијата не прогласи дека јужен Либан е целосно демилитаризиран или исчистен од оружје. Меѓутоа, од воена гледна точка, Армијата воспостави оперативна контрола врз областа“, рече Аун.
Тој додаде дека за чистење на југот од оружје е потребно време поради самиот терен во тој регион, кој е преполн со планини и долини. Сепак, нагласи дека Армијата максимално си ја завршила својата задача во однос на ова прашање.
Аун рече дека Израел не помогнал во спроведувањето на договорот за прекин на огнот со Либан.
„Според договорот, Израел требаше да се повлече од петте позиции што ги окупираше. Меѓутоа, тој ги продолжи своите воени операции и гранатирањето на селата под изговор на самоодбрана“, додаде тој.
Израел ги продолжи своите напади врз Либан и покрај прекинот на огнот што стапи на сила на 17 април и беше продолжен за 45 дена по индиректните преговори со посредување на САД.
Израелската Армија и либанското движење Хезболах често разменуваат оган во услови на тековната ескалација.
Според либанското Министерство за здравство, во израелските напади од 2 март досега се убиени повеќе од 3.400 луѓе низ земјата.