Турција: Мајките во Дијарбакир протестираат за враќање на своите деца веќе 500 дена
„Се борам против ПКК веќе седум години. Се надевам дека нема да умрам, ќе го земам моето дете од ПКК“

ДИЈАРБАКИР (АА) - ХАСАН НАМЛИ -
Продолжуваат мирните протести пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП) во турскиот град Дијарбакир, на кои мајките веќе 500 дена бараат да им се вратат нивните деца однесени во терористичките кампови, јавува Агенција Анадолија (AA).
Првиот таков протест пред седиштето на ХДП во Дијарбакир на 22 август 2019 година го одржа мајката Хаџире Акар, чиј син Мехмет Акар исчезна.
Тридневниот протест вроди со плод и Мехмет беше вратен дома, а примерот на мајката Хаџире го следеа и други мајки кои не сакаа нивните деца да бидат жртви на тероризмот.
Бројот на семејства кои протестираа растеше од ден на ден и достигна 188.
Семејствата продолжија да протестираат и во лето и во зима, по дожд, снег и кал. Некогаш знаеја да им се придружат и сопрузите кои обично се грижеа за куќата и децата, додека сопругите се бореа за враќање на децата.
Некои мајки ги продолжија демонстрациите со своите мали деца во тешки услови, понекогаш спиеја на тротоарот, а понекогаш се онесвестуваа од истоштеност.
Семејствата не се откажаа од протестот дури и за време на епидемијата на новиот вид коронавирус, кој го зафати целиот свет.
Секое семејство, на кое им се врати детето, ги споделуваше радоста и тагата со семејствата кои се бореа за истото.
Терористичката организација се обиде на секој начин да ги обесхрабри семејствата од нивните постапки. Мајките во Дијарбакир беа цел на навреди и закани од некои членови на партијата.
Цела Турција слушна за мајките чија единствена желба им е да ги вратат децата кои им ги одзеде терористичката организација.
Мајките на Дијарбакир, кои секогаш ги поддржуваше претседателот Реџеп Таип Ердоган, беа посетени од илјадници луѓе, меѓу кои и од сопругата на претседателот, Емине Ердоган, министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, министерката за семејство, труд и социјални прашања, Зехра Зумрут Селчук, членот на Европскиот парламент, Томас Здеховски, како и амбасадори, политичари, уметници, спортисти, верски службеници, просветни работници...
Повикот на мајката од Дијарбакир, чии деца се во рацете на тероризмот, се слушна и во Берлин, главниот град на Германија.
Таму, Маиде Т., чија ќерка Нилуфер беше киднапирана од терористичката организација ПКК во Германија, во февруари 2020 година започна протест пред зградата на германската Влада.
Потоа протестот го продолжи пред зградата на Кабинетот на премиерот поради нечувствителноста на германските власти.
Маиде Т. се сретна со мајките од Дијарбакир на 25 јули 2020 година преку видеоконференција. Мајките и татковците ја пренесоа поддршката на Маиде Т., која се бори сама во Германија.
Фотографија на Нилуфер Т. беше поставена покрај фотографиите на другите киднапирани деца.
Факт е дека 22 семејства кои беа дел од протестите ги вратија своите деца, а има и мајки кои и понатаму трагаат по своите деца.
Меѓу десетиците мајки кои со фотографии од своите деца протестираат пред седиштето на ХДП е и Туркан Мутлу од Бурса, која ја бара својата ќерка Џејлан. Таа порача дека си го сака своето дете назад.
Изјавувајќи дека на нејзината ќерка ѝ се одземени животот, соништата и слободата веќе седум години, Мутлу за неа рече дека ќе била просветна работничка ако не била киднапирана. Мутлу рече дека нема да замине од пред зградата на ХДП без нејзината ќерка.
„Се борам против ПКК веќе седум години. Се надевам дека нема да умрам, ќе го земам моето дете од ПКК“, рече Мутлу.
Сонѓул Алтинташ веќе шест години трага по нејзиниот син Муслим. Порача дека нејзиниот син прво бил однесен во ХДП, а потоа во планините и дека нема да се откаже од протестот сѐ додека нејзиниот син не се врати.
„Овде сме до крајот, сѐ додека на планините не остане ниту едно дете. Toa e единствениот начин на кој Курдите можат да се ослободат од ПКК“, рече Алтинташ.
Мајката Севги Чагмар, која продолжува да протестира за својот син Јавуз, рече дека шест години не го слушнала гласот на својот син.
„Благодарение на нашата акција, заминувањето во планините е запрено“, рече таа.
Зекије Боздаг е една од членовите на семејството кое прво го започна протестот. Таа потсети дека протестот го започнале со нејзината мајка, татко и другите браќа и сестри за нејзиниот брат Сулејман, кој беше киднапиран на 30 август 2019 година.
„И да поминат 500 години, ние ќе чекаме“, рече Боздаг.
Таа го повика својот брат да им се предаде на безбедносните сили на Турција.
„Дојди поради мајка ни, ако не за мене; предај се. Таа е многу тажна, плаче. Благодарение на протестот, 22 семејства ги вратија своите деца. Ние сме многу среќни“, рече Боздаг.
Мајките во Дијарбакир од 3 септември 2019 година протестираат пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП), која ја обвинуваат за регрутирање и одведување на малолетни лица во терористичките кампови на ПКК во југоисточна Турција.
Февзије Четинкаја тој 3 септември започна мирен протест пред зградата на ХДП, придружувана од нејзиниот сопруг Шахап и нивните четири деца.
На протестот на 8 октомври се приклучи и Хатиџе Џејлан, мајка на Џафер. Таа истакна дека нејзиниот син бил киднапиран пред четири години, кога тој имал 15 години. Кога слушнал дека неговата мајка учествува на протестот, Џафер одлучил да побегне од редовите на ПКК за да дојде до своето семејство.
Министерството за внатрешни работи на Турција на 26 ноември соопшти дека значителен број терористи ги напуштиле редовите на ПКК и се предале. Минатата година тоа го сторија речиси 300 припадници на терористичката организација.
За оние кои се предаваат државата обезбедува бројни можности, како што се правото на образование и слобода без страв и опресија. Тие не се злоупотребени, слободно можат да контактираат со семејствата и им е пружена правна помош.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија и САД. За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40 000 луѓе.
Партијата ХДП е обвинета за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на партијата се обвинети за ширење терористичка пропаганда и пружање помош на терористите.