Турција меѓу топ 5 трговски партнери на Косово за 2025
- Во однос на меѓусебната трговија со странските земји, Косово најмногу тргувало со Германија, потоа со Турција, Кина, како и со Северна Македонија и Албанија
ПРИШТИНА (АА) - Турција е една од топ 5 земји со кои Република Косово остварила најголем обем на трговска размена во текот на 2025 година, според официјалните податоци на Царината на Косово, јавува Анадолу.
На завршната конференција за 2025 година, генералниот директор Агрон Лугалиу изјави дека Царината на Косово ја завршува 2025 година како институција со најбрза царинска постапка на Западен Балкан.
Тој нагласи дека Царината ги надминала проекциите на Владата на Косово за годишните приходи, како и дека реализирала повеќе значајни акции во борбата против шверцот.
„Во делот на приходите, проекцијата од Владата изнесуваше 1 милијарда и 897 милиони евра. До последниот ден од оваа година ќе успееме да собереме 1 милијарда и 968 милиони евра. Оваа сума претставува 135 милиони евра повеќе во однос на претходната година и ја надминува проекцијата за 70 милиони евра“, изјави Лугалиу.
Тој додаде дека и оваа година, како и во изминатите години, Царината на Косово го држи најдоброто време за царинење меѓу земјите од Западен Балкан.
Во однос на меѓусебната трговија со странските земји, Косово најмногу тргувало со Германија, потоа со Турција, Кина, како и со Северна Македонија и Албанија.
„Што се однесува до меѓусебниот биланс, рангирањето е следно: вкупниот обем на трговијата со Германија изнесува 1 милијарда и 64 милиони евра, со Турција 933 милиони евра, со Кина 892 милиони евра, со Северна Македонија 468 милиони евра и со Албанија 426 милиони евра. Ова се топ пет земјите според статистиките на меѓусебната трговија“, изјави Лугалиу.
Според него, извозот на Косово до 21 декември изнесува 929 милиони евра, во споредба со 942 милиони евра колку што изнесуваше целиот извоз во 2024 година.
Главните земји каде што Косово извезувало во текот на оваа година се Албанија со 157 милиони евра, Северна Македонија со 136 милиони евра, Германија со 106 милиони евра, Швајцарија со 100 милиони евра и Србија со 60 милиони евра.
Во однос на производите кои најмногу се извезувале од Косово на странските пазари, предничат производите од дрвната индустрија, додека раст бележи и извозот на пијалаци од Косово.
На завршната конференција на Царината на Косово присуствуваше и вршителот на должноста министер за финансии, труд и трансфери, Хекуран Мурати, кој изјави дека Царината на Косово успеала да ги надмине буџетските проекции со зголемување на годишните приходи, меѓу другото и како резултат на бескомпромисната борба против шверцот и другите нелегални активности.
Според Мурати, контролите се зголемени на целата територија на земјата, затворени се нелегалните шверцерски рути и „Царината на Косово е опремена со најнова технологија за детекција на шверцувана стока“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
