Турција им оддаде почит на жртвите од масакрот во Хоџали по повод 34-годишнината од овој настан
- Министерството за надворешни работи на Турција изјави дека упатува молитви за жртвите и сочувство до народот на Азербејџан
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција денес им оддаде почит на жртвите од масакрот во Хоџали, масовното убиство на азербејџански цивили извршено во 1992 година од ерменските сили во градот Хоџали, во регионот Карабах, јавува Анадолу.
„Најостро го осудуваме масакрот извршен врз невини цивили на 26 февруари 1992 година во градот Хоџали, кој се наоѓа во регионот Карабах на Азербејџан“, се наведува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
„Злосторствата извршени во Хоџали остануваат срамна дамка врз совеста на човештвото. Болката за нашите 613 браќа и сестри кои беа брутално убиени, како и за оние што беа ранети, заробени и исчезнати, сè уште тежи врз нашите срца“, се додава во соопштението.
Министерството изјави дека упатува молитви за жртвите и сочувство до народот на Азербејџан.
- Што се случи во Хоџали?
Набргу по распадот на Советскиот Сојуз, на 26 февруари 1992 година, ерменските сили го презедоа градот Хоџали во Карабах, по силно гранатирање со тешка артилерија и тенкови.
Според азербејџанските податоци, во двочасовната офанзива биле убиени 613 азербејџански цивили, меѓу кои 106 жени, 63 деца и 70 постари лица, а 487 лица биле тешко повредени.
Околу 150 од вкупно 1.275 Азербејџанци кои биле заробени за време на настаните сè уште се водат како исчезнати, додека осум семејства биле целосно уништени.
Регионот Карабах беше место на масовни убиства и гробници од Првата карабашка војна во раните 1990 години, кога ерменската војска го окупираше Нагорно-Карабах – територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан – како и седум околни региони, вклучително и Хоџали.
Во есента 2020 година, за време на 44-дневните борби, Азербејџан ослободи повеќе градови, села и населени места во Карабах по речиси 30 години ерменска окупација.
Во септември 2023 година, Азербејџан воспостави целосен суверенитет врз Карабах по „антитерористичка операција“, по која сепаратистичките сили во регионот се предадоа.
Турција беше меѓу првите земји што го прогласи за масакр настанот во Хоџали и повика на правда за жртвите.
