Ердоган: Дигиталниот суверенитет е неразделен од националната безбедност на Турција
- „'Санџар' ги зајакнува нашите способности на море без екипаж, зголемувајќи ги нашата безбедност, ефикасност и капацитетите за надзор“, рече Ердоган
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека дигиталниот суверенитет во одбранбениот сектор го смета за неразделен дел од својата национална безбедност, додавајќи: „Турција сега дизајнира сопствена технологија, произведува сопствен софтвер и ги извезува своите производи во целиот свет.“, јавува Анадолу.
Говорејќи на церемонијата за „Санџар“, новото турско поморско пловило без екипаж, Ердоган рече: „'Санџар' ги зајакнува нашите способности на море без екипаж, зголемувајќи ги нашата безбедност, ефикасност и капацитетите за надзор“.
„Санџар“ е развиен од турската одбранбена компанија „Хавелсан“ во соработка со бродоградилиштето „Јонџа“, во согласност со потребите на современите морнарици.
Станува збор за прво поморско пловило без екипаж на „Хавелсан“, развиено со системот АДВЕНТ РОТА (мрежно поддржан интегриран систем за управување со борбени операции) како оперативен систем за мисија.
Во рамките на церемонијата беа отворени и новите капацитети за производство на „Хавелсан“.
Ердоган нагласи дека инвестициите на компанијата претставуваат продолжение на стратегиските потези што ќе ги унапредат севкупниот капацитет и влијанието на турскиот одбранбен екосистем.
„По завршувањето, комплексот на 'Хавелсан' ќе биде најголем производствен и интегративен центар за симулациски технологии во Европа“, додаде тој.
„Земја не може да зборува за сигурна иднина доколку нејзиниот софтвер не е национален. Целосната независност не може да се одвои од технолошката независност“, порача Ердоган.
Тој додаде дека Турција применува модел на детекција, дијагностика и одговор, користејќи сопствена, локална и национална технологија.
