Вицепремиерот на Србија Ивица Дачиќ хоспитализиран поради тешка пневмонија
- „Премногу е рано, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме“, додаде Попевиќ за Танјуг
БЕЛГРАД (АА) - Вицепремиерот на Србија, министер за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија при Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија, јавува Анадолу.
Помошник-директорот на Клиниката за пулмологија, Спасоје Попевиќ, синоќа изјави дека здравствената состојба на министерот е многу сериозна и дека следните три дена ќе бидат клучни.
„Тој моментално е на механичка вентилација, респиратор, добива сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот“, рече доктор Попевиќ.
Тој прецизираше дека Дачиќ бил примен во болница вчера во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија и нагласи дека е прерано да се даде прогноза.
„Премногу е рано, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент“, додаде Попевиќ за Танјуг.
Дачиќ синоќа во Клиничкиот центар на Србија беше посетен од српскиот претседател Александар Вучиќ, заедно со членови на Владата.
„Го посетивме сите заедно вицепремиерот и претседател на СПС, тешка е ситуацијата, но ние веруваме во лекарите и веруваме во него и се молиме за него“, рече Вучиќ, обраќајќи се на медиумите пред Клиничкиот центар на Србија.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
