Kristina Maslareviç
30 Септември 2016•Ажурирај: 01 Октомври 2016
БЕЛГРАД (АА) - Коментирајќи ги престојните избори што ќе се одржат во Македонија, БиХ, Црна Гора и во Австрија, првиот потпретседател на Владата на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека не е важно кои политички опции ќе победат во смисла на идеологијата, туку дали се сите определени за стабилноста во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Србија постојано истакнува дека од наша страна постои конструктивен пристап со дијалог да се решат сите отворени прашања. Од друга страна, не можат отворените прашања да нѐ врзат со минатото, а да не гледаме што е во сегашноста и во иднината“, изјави Дачиќ и додаде дека сѐ зависи од лидерите, односно од нивната волја да се фокусираат на политиката на регионалната стабилност.
На прашањето да ги искоментира најавите за референдум во автономната покраина Војводина и обединувањето на Косово со Албанија, Дачиќ изјави дека тоа се несериозни работи.
„Знаете, Изетбеговиќ зборува за референдумот во Република Српска а неговата партија во 1991 година организираше референдум во Санџак. Дали ние се жалевме, дали меѓународната заедница лиеше солзи над тој референдум, како што сега тоа го прави поради референдумот во РС? Тие со години бараа промена на Дејтонскиот договор, зборувајќи дека тој договор не е добар, дека е надминат. Сега одеднаш, Република Српска наводно го руши Дејтонскиот договор, а што е со останатите одлуки на Уставниот суд“, изјави Дачиќ.
Тој додаде дека во Мостар веќе со години не може да се избере градоначалник поради односите на муслиманите и Хрватите и дека има уште многу неуставни улоги во БиХ.
„Затоа, да се свртиме кон стабилноста и дијалогот. Што се однесува до референдумот за Војводина, тој секако не може да биде, бидејќи за тоа треба да се донесе одлука, а оние што го предлагаат тој референдум, немаат мнозинство да донесат ниту одлука во месната заедница, во куќниот совет, а камоли во покраинското Собрание“, изјави тој.
Како што наведе тој, што се однесува до обединувањето на Косово и Албанија, тој смета дека е одлично што тоа се појавило, бидејќи Србија за тоа зборува веќе 20, 30 години, дека тоа е суштината на нивната политика, обединување на Косово и Албанија, бидејќи таму не живеат два народа, туку еден народ.
„Косоварите не се народ, туку Албанците кои живеат во Косово, како и Србите кои живеат во Косово. Сите овие години, се злоупотребува темата за правото на самоопределба на Албанците од Косово, а Албанците имаат своја држава, Албанија, преку која го остварија правото на самоопределба. Тие во Косово се национално малцинство во рамките на Србија, кое нема право на самоопределба. Така што, одлично што тоа се појави, меѓународата заедница да види дека сме биле во право. Но, мислам дека додека некој не им намигне од Запад, сигурно нема да го организираат“, изјави Дачиќ.