Bojana Stojanovic
27 Октомври 2018•Ажурирај: 28 Октомври 2018
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денес во Белград изјави дека ќе разговараат за тоа дали „Турски тек“ преку Бугарија ќе продолжи понатаму кон Југоисточна Европа, и дека тоа е поврзано со изградбата на гасниот интерконектор меѓу Србија и Бугарија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се надеваме и разговараме за тоа евентуално „Турски тек“ преку Бугарија да се продолжи понатаму кон Југоисточна Европа, а тоа е, исто така, поврзано со изградбата на гасниот интерконектор меѓу Србија и Бугарија. Тоа е засега во некои почетни фази, но тоа е првично прашање и ние за тоа отворено разговараме на сите места, на сите форуми низ светот“, изјави Дачиќ, за време на вториот ден од Форумот за енергетска безбедност на Евроазија во Собранието на Србија.
Тој потсети на она што вчера го изјави министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој истакна дека постои двоен стандард во одлучувањето, бидејќи „Северен тек“ е овозможен, а „Јужен тек“ не.
Тој зборуваше и за други теми, истакнувајќи дека „денес, утре или в понеделник“, ќе се знае дали Советот за безбедност на ОН ќе одржи седница за ситуацијата на Косово.
Дачиќ додаде дека Кина предложила тоа да биде на дневен ред на седницата на 14 ноември, и дека во овој момент е голема веројатноста таа да биде одржана на тој датум.