Турскиот потпретседател Октај ја прими вакцината против Ковид-19 и ги повика сите граѓани да се вакцинираат
Фуат Октај ја прими првата доза на вакцината КоронаВак во градската болница во Анкара, а потоа за новинарите изјави дека се чувствува добро и пријатно, изразувајќи благодарност до медицинскиот персонал во болницата

АНКАРА (АА) - Потпретседателот на Република Турција, Фуат Октај, денес ја прими вакцината против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (AA).
Октај ја прими првата доза на вакцината КоронаВак во градската болница во Анкара, а потоа за новинарите изјави дека се чувствува добро и пријатно, изразувајќи благодарност до медицинскиот персонал во болницата.
Истакна дека во Турција се спроведува систем за вакцинација кој сигурно може да биде пример за целиот свет, додавајќи дека Турција е многу успешна во борбата против пандемијата на Ковид-19.
Наведувајќи дека инфраструктурата на здравствениот систем е многу важна во овој момент, Октај истакна дека истиот успех може да се забележи и додека се спроведува вакцинацијата низ целата земја.
„Колку што знам, досега се вакцинирани околу 700.000 наши граѓани. Затоа, иако само што започнавме, ние сме меѓу првите земји што се вакцинирани. Се надеваме дека до април ќе имаме наша сопствена вакцина“, рече Октај.
Тој ги повика сите граѓани на Турција да се вакцинираат против Ковид-19.
„Ги советувам сите наши граѓани да дојдат и да се вакцинираат. Ова е исклучително важно како за здравјето на поединците, така и за јавното здравје, за здравјето на целата наша земја, како и за нормализирање на состојбата што е можно поскоро.“
Истакна дека постапката за вакцинација во Градската болница во Анкара се спроведува во 130 одделни простории.
„Значи, сите наши болници, здравствени домови и здравствени центри поседуваат огромен капацитет за да обезбедат можност за вакцинација за сите наши граѓани“, рече потпретседателот на Република Турција.
Во болница во Анкара во четвртокот против коронавирусот се вакцинираше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.