Турција

Велика Британија и Турција потпишаа договор за техничка поддршка за набавка на авионите Еурофајтер

Договорот е финализиран во Лондон за време на средбата меѓу турскиот министер за национална одбрана Јашар Ѓулер и британскиот министер за одбрана Џон Хили

Aysu Biçer, Büşra Nur Çakmak  | 25.03.2026 - Обновена : 25.03.2026
Велика Британија и Турција потпишаа договор за техничка поддршка за набавка на авионите Еурофајтер

ЛОНДОН (АА) - Велика Британија и Турција денес потпишаа нов договор кој го опфаќа одржувањето и оперативната поддршка за авионите „Еурофајтер тајфун“, во период кога одбранбените врски меѓу двете земји продолжуваат да јакнат, јавува Анадолу.

Договорот е финализиран во Лондон за време на средбата меѓу турскиот министер за национална одбрана Јашар Ѓулер и британскиот министер за одбрана Џон Хили.

Главниот фокус на договорот е техничката и логистичка поддршка за авионите во рамките на проектот „Еурофајтер тајфун“, се наведува во соопштението на Министерството за национална одбрана на Турција.

За време на нивните разговори во главниот град, двајцата шефови на одбраната дискутираа и за поширока соработка.

Официјалните претставници потврдија дека засебен договор, кој ја опфаќа набавката на авиони, опрема и муниција поврзана со програмата, веќе е потпишан минатиот октомври.

Најновиот договор има за цел долгорочно да обезбеди одржување и оперативна подготвеност на авионите.

Двете страни изразија посветеност за дополнително зајакнување на одбранбената соработка во претстојните години.

Минатата година, Турција потпиша договор со Велика Британија во висина од 8 милијарди фунти, за купување на 20 авиони „Еурофајтер тајфун“.

Велика Британија, како водечки партнер во програмата Еурофајтер, е најгласниот поддржувач на Турција, а договорот следува по неколкумесечни преговори, откако Турција го надмина германското вето за продажбата во 2024 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.