Турскиот брод за сондажа „Абдулхамид Хан“ утре започнува со работа во Црното Море
Оваа операција претставува најнов чекор во напорите на Турција за зајакнување на домашното производство на енергија и намалување на зависноста од увоз од странство
АНКАРА (АА) - Турскиот брод за сондажа „Абдулхамид Хан“ е подготвен да ги започне своите операции во Црното Море утре, најави денес министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Алпарслан Бајрактар, јавува Анадолу.
Во гостување во Уредничкиот деск на Анадолу во главниот град Анкара, Бајрактар изјави дека сондажата е планирана да започне во 4 часот наутро по локално време.
Оваа операција претставува најнов чекор во напорите на Турција за зајакнување на домашното производство на енергија и намалување на зависноста од увоз од странство.
Тој додаде дека во април, бродот за сондажа „Фатих“ ќе започне со сондажа на бунарот „Ефлани-1“ во Црното Море, додека до крајот на април се очекува бродот „Чагри Беј“ да ги започне своите операции во Сомалија, што ги одразува тековните напори за истражување нови резерви и проширување на енергетското портфолио на земјата.
- Турција го зајакнува меѓународниот енергетски дофат преку партнерства -
Бајрактар ја претстави и енергетската стратегија на Турција за 2026 година, нагласувајќи дека продолжувањето на активностите за истражување нафта во странство е меѓу клучните стратегии на земјата.
Турција ја зајакнува својата енергетска отпорност преку инфраструктура и меѓународни партнерства, при што 2026 година ќе биде период на поголем ангажман надвор од земјата за зголемување на производството.
„Моменталното производство на нафта во Турција задоволува околу 15 % од потребите на земјата. Нашата стратегија за 2026 година е фокусирана на проширување на активностите во странство“, рече тој.
Министерот ги истакна тековните активности за истражување и производство во Сомалија, Либија и други региони, додавајќи дека Турција ги осигурила правата за две полиња во Либија – едно на копно и едно во море.
Земјата оваа година потпиша неколку договори за партнерство за нафта и гас со компаниите Шеврон, ЕксонМобил, Шел, Репсол и Групацијата МОЛ, а во тек се и плановите за соработка со ТоталЕнерџис.
Тој нагласи дека 2026 година ќе означи поактивен период во странство за Турската нафтена корпорација (TPAO), со цел поттикнување на производството и зголемување на безбедноста во снабдувањето.
„Ќе ги искористиме сите расположливи ресурси во нашата земја и мориња, додека остатокот ќе го набавуваме од други региони“, изјави Бајрактар.
Во моментов, Турција произведува околу 15.000 барели нафта дневно во Ирак и околу 20.000 барели во Азербејџан.
Во однос на безбедноста на природниот гас, Бајрактар ја истакна важноста на диверзифицираните рути за снабдување.
„Благодарение на ’Турски тек‘, сега добиваме гас директно од Црното Море, што обезбедува значајна заштита од потенцијални прекини на гасоводите. Неодамнешните извештаи за прекинат проток на гас од Иран ја нагласуваат важноста на разновидноста во снабдувањето. Иако денес немаме проблеми, продолжуваме да се подготвуваме за можните ризици“, заклучи тој.
