Турција

Последниот мајстор за печки во турскиот град Сафранболу го чува занаетот од заборав

- 61-годишниот Вурал Ерсин веќе 42 години во историската чаршија го продолжува занаетот што го презел од својот татко

Orhan Kuzu  | 25.02.2026 - Обновена : 27.02.2026
Последниот мајстор за печки во турскиот град Сафранболу го чува занаетот од заборав Orhan Kuzu/АА

КАРАБУК (АА) - Историскиот град Сафранболу, во турската покраина Карабук, кој е дел од листата на светско наследство на УНЕСКО, е дом на последниот изработувач на печки, 61-годишниот Вурал Ерсин.

Тој и покрај намалената побарувачка за неговите производи и неможноста да најде чирак, се обидува да го одржи во живот 42-годишното наследство од својот татко.

Ерсин веќе 42 години во историската чаршија го продолжува занаетот што го презел од својот татко. Поради ширењето на природниот гас и недостатокот на млади кадри, тој е последниот претставник на овој занает кој полека изумира.

„Јас сум втората генерација што ја продолжува оваа професија, но бидејќи нема ниту еден нов кадар што се обучува, овој занает ќе згасне заедно со нас“, вели Ерсин за Анадолу, кој одлучил да го продолжи татковиот пат.

Ерсин раскажува дека со работа започнал во 1984 година: „Оттогаш па наваму го работам ова. Дедо ми пред 80 години започнал како ковач во чаршијата на демирџиите (ковачите). Правел поправки и челично засилување на железните делови на плуговите што се користеле во земјоделството. Татко ми, пак, го работеше занаетот за изработка на печки. Ние го научивме од него и го продолжуваме. Од оваа професија се пензионирав во 2015 година.“

Во работилницата во зимскиот период изработуваат печки на дрва, печки со рерна, капачиња за оџаци, пепелници за оџаци и капаци за оџаци во зима, додека во лето, пак, фокусот се префрла на изработка на преносливи печки со ногарки и скари.

Тој нагласува дека дури и неговите деца не сакаат да го работат овој занает. Се потсетува дека некогаш во историската чаршија имало голем број мајстори за печки, но многумина од неговите пријатели ги промениле професиите.

„Некои почнаа да работат со реконструкција на кровови, бидејќи тие работни места беа побарувани. Сега јас сум единствениот изработувач на печки во чаршијата. Би сакал мојот занает да продолжи, би сакал младите да го претпочитаат, но тие од некоја причина не го сакаат тоа. Нашата професија е пред изумирање бидејќи речиси насекаде се воведе природниот гас. Побарувачката падна. Порано во зимската сезона продававме по 400-500 печки, а сега тој број падна на само 10 до 20 печки“, додаде Ерсин.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.