Лице со попреченост ја претвори страста за дрвени играчки во професија
- „Дел од моделите ги правам според фотографии што ги гледам на интернет, а дел се мој дизајн. За еден производ ми требаат 15–20 дена. Поради болка во грбот, не можам долго да седам на столица. Во моите производи нема пластика“
ОСМАНИЈЕ (АА) – МЕНДЕРЕС ОЗАТ -
Булент Јигит (51) од Османије, Турција, кој останал неподвижен по пад од столб на далновод за време на работа, денес во домот, чиј еден агол го претворил во мала работилница, изработува дрвени играчки, пишува Анадолу.
Јигит, кој работел во компанија за дистрибуција на електрична енергија во градот, во 1996 година паднал од столб за висок напон на кој се искачил за да изврши поправка.
По несреќата останал парализиран од половината надолу и почнал да користи инвалидска количка.
За да поминува попродуктивно време, во својот дом во округот Кадирли, Јигит се посветил на дрворезбарството, за кое интересот му се појавил уште во детството.
Еден агол од својот дом го претворил во работилница, каде што од парчиња кора и дрво изработува играчки во форма на трактори, комбајни, багери, камиони и хеликоптери.
Дрвените играчки Јигит ги бојадисува и ги нуди на продажба во Центарот за координација на лица со попреченост при Општина Кадирли.
– „За еден производ ми требаат 15–20 дена“ –
За дописникот на АА, Булент Јигит изјави дека неговото хоби, изработка на дрвени играчки, датира уште од детството.
Посочи дека најмногу користи кора од бор и делови од топола: „Дел од моделите ги правам според фотографии што ги гледам на интернет, а дел се мој дизајн. За еден производ ми требаат 15–20 дена. Поради болка во грбот, не можам долго да седам на столица. Во моите производи нема пластика“, рече тој.
Јигит нагласи дека општинскиот Центар овозможува неговите изработки да стигнат до љубителите и продолжи:
„Порано, бидејќи немав место каде да ги изложам, и не размислував за изложба, но откако се отвори Центарот, посетителите можат да ги видат моите производи. Тоа ме мотивира. За Денот на лицата со попреченост и во другите денови, луѓето што доаѓаат тука ги купуваат моите производи за да дадат поддршка.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
