Турција

Мирисот на дрвото и половина век мајсторство, приказната на 73-годишниот Дуган од Бурса

- „Секојпат кога ќе земеш дрво в рака, ќе создадеш нешто. Ако го удриш со нога, тоа е само дрво, но во работилницата ја разбираш неговата вистинска вредност.“

Saliha Nur Köksal  | 29.01.2026 - Обновена : 29.01.2026
Мирисот на дрвото и половина век мајсторство, приказната на 73-годишниот Дуган од Бурса Saliha Nur Köksal/AA

БУРСА (АА) – Мајсторот за рачна изработка од дрво од Бурса, Мухсин Дуган, веќе 53 години му е посветен на својот занает, кој и понатаму го продолжува во дуќанот во Историската чаршија Кајхан, пишува Анадолу.

Дуган е роден во 1953 година во алачкиот округ на Чорум, а на 20-годишна возраст неговиот татко го дал како чирак кај зетот, кој бил дрводелски мајстор.

Занаетот го засакал и ги научил финесите од својот мајстор, а по работата во различни работилници во Анкара, во 1993 година се преселил во Бурса, каде што го продолжил занаетот во сопствена работилница која ден-денес со својата работа ја разубавува чаршијата Кајхан.

Дуган по нарачка изработува дрвени декоративни производи од габер и даб, со особено внимание изработува кафези за птици, дрвени корпуси за грамофони, минијатурни и големи дрвени коњски коли.

Дуган за дописникот на АА изјави дека во истиот дуќан во Бурса произведува уникатни производи веќе 33 години.

Посочи дека секој што се занимава со овој занает мора да има желба: „Всушност, треба уште во основно училиште да се почне со оваа работа, бидејќи е многу интересна. Колку повеќе шмирглаш, толку повеќе уживаш. Работата самата ти го отвора патот. Каде што има желба и задоволство, така потоа продолжуваат чираклакот, калфувањето и мајсторството“, рече тој.

Нагласи дека ваквите уметности мора да се зачуваат: „Нема ни во дуќаните за мебел чираци. За да има чирак, треба да има основа. Порано, на пример, татко ни нè даваше кај некој мајстор. Таму продолжувавме да работиме. Тогаш имаше ли пари? Немаше пари. Работевме само за да се прехраниме. Овој занает не те остава гладен. Работата ми оди добро, фала на Бога“, изјави тој.

Посочи дека на својот внук, кој е средношколец, исто така му го пренесува занаетот и има голема желба да успее да му ја преточи љубовта кон овој занает.

Дуган наведе дека покрај Бурса и различните градови на Турција, претходно испраќал производи по нарачка и во Велика Британија, Австралија и Холандија: „Кога работиш, мирисот на дрвото е нешто сосема посебно. Тоа е занает со големо задоволство. Секојпат кога ќе земеш дрво в рака, ќе создадеш нешто. Ако го удриш со нога, тоа е само дрво, но во работилницата ја разбираш неговата вистинска вредност“, рече тој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın