Турција

Ердоган: „Мораме заедно да се бориме против дигиталниот фашизам“

Истакнувајќи дека светот моментално доживува болки поради потресувањето на глобалната рамнотежа на политичката и економската моќ, која трае околу еден век, Ердоган наведува дека епидемијата на Ковид-19 го забрзала тоа потресување

Enes Kaplan,Mümin Altaş   | 26.11.2020
Ердоган: „Мораме заедно да се бориме против дигиталниот фашизам“ Foto: Mustafa Kamacı - Anadolu Agency

АНКАРА

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека дигитализацијата која на поединецот гледа како на име или број доведува до фашизам и порача дека е неопходна заедничка борба против дигиталниот фашизам, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган преку видеоконференција зборуваше на 4. Меѓународен самит за жените и правдата, а во таа пригода зборуваше и за актуелните случувања.

Тој изјави дека неговата земја покажала голема чувствителност во решавањето на проблемот со кој се соочуваат жените, како што се насилството и дискриминација.

„Во таквите напори ги користевме сите можности на технологијата. Ќе го продолжиме нашиот пат, не заборавајќи дека силната жена е темел на силно семејство, а дека силата на жената произлегува од почитувањето кон неа и пружањето можности да ги оствари сите свои права“, изјави Ердоган.

Истакнувајќи дека светот моментално доживува болки поради потресувањето на глобалната рамнотежа на политичката и економската моќ, која трае околу еден век, Ердоган наведува дека епидемијата на Ковид-19 го забрзала тоа потресување.

„Тешкотиите кои во борбата против епидемијата ги имаа развиените земји, покажаа дека економската и политичката моќ за тоа не е доволна и дека е неопходна една праведна распределба. Секако, ако се запрашаме, дали од сето тоа е научена лекција, не можеме да кажеме дека гледаме знаци од тоа. Напротив, сведоци сме на обидот за прикривање на овој недостаток со обвинување на бегалците, странците и муслиманите“, изјави Ердоган.

Ердоган изјави и дека процесот на дигитализација претставува закана.

„Најголема слабост на дигитализацијата, која е сѐ попроширена во сите полиња, од безбедност до образование, од здравство до енергија, од индивидуални навики до комерцијални активности, е да се стави монопол врз контрола на податоците“, смета Ердоган.

Истакнувајќи дека ваквата искривена ситуација, во која мал број компании ги контролираат дигиталните податоци на целиот свет, е најава на големи проблеми со кои светот ќе мора да се соочи во иднина, Ердоган додаде:

„Не е тешко да се предвидат проблемите кои таквата концентрација ќе може да ги предизвика во момент кога дури и војните во светот станаа дигитални. Доколку ваквите радикални промени во традиционалниот начин на живот не се поддржат со вистинската инфраструктура и доколку не се управува со вистинско разбирање, ќе дојде до модерно ропство. Должноста на сите нас од овие закани е да го заштитиме човештвото, кое со векови страдаше од етнички и верски фашизам и плати висока цена за колонијализмот и незаситната желба за добивка. Дигитализацијата која поединецот го гледа како име или број води во фашизам. Мораме заедно да се бориме против дигиталниот фашизам“, нагласи Ердоган.

На крајот нагласи дека сето наведено не значи одбивање на дигитализацијата и дека го поздравува секој новитет кој ќе го олесни животот на луѓето.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın