Турција

Ердоган: „Канал Истанбул - проект за спас на иднината на Истанбул“

Во Истанбул свечено е положен камен-темелник за изградба на првиот мост на мегапроектот за изградба на Канал „Истанбул“

Ali Murat Alhas  | 26.06.2021 - Обновена : 28.06.2021
Ердоган: „Канал Истанбул - проект за спас на иднината на Истанбул“

ИСТАНБУЛ

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека денес на изградбата на Каналот „Истанбул“ се гледа како на проект што ќе ја спаси иднината на Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во Истанбул свечено е положен камен-темелник за изградба на мостот „Сазлидере“, првиот мост на мегапроектот за изградба на Каналот „Истанбул“, кој, паралелно со Босфор, ќе го спојува Мраморното Море со Црното Море.

„Денес свртуваме нова страница во историјата на развојот на Република Турција. На Каналот Истанбул гледаме како на проект за спасување на иднината на Истанбул“, рече Ердоган на свеченоста.

Потсетувајќи дека во 30-тите години од минатиот век низ Босфорот годишно пловеле во просек 3.000 бродови, Ердоган рече дека сега таа бројка се зголемила на 45.000, а дека се проценува дека до 2050 година бројката ќе порасне и на 78.000.

„Пловидбата на секој голем брод низ Босфорот претставува сериозен ризик за градот. Босфор и од југ и од север и од исток и од запад е упориште на голема фреквенција за пловидба на бродови од сите категории“, рече Ердоган.

Тој укажа и на опасноста од несреќите на бродовите од сите видови и капацитети, а посебно на опасноста што тоа ја претставува за водениот свет.

Ердоган рече дека мегапроектот за изградба на Каналот „Истанбул“, помеѓу останатото, е неопходен и заради зачувување на историското и културното ткиво на Босфор.

„Моменталната рута на Канал Истанбул е избрана врз база на научните анализи како најразумна и најефикасна меѓу пет понудени“, рече Ердоган и додаде дека должината на каналот ќе изнесува 45 километри, ширината на неговата база минимално 275 метри, а длабочината 21 метар.

Ердоган рече дека сите истражувања покажуваат дека бродскиот сообраќај во Каналот „Истанбул“ ќе се одвива 13 пати посигурно од оној во Босфор.

„Целта ни е Каналот Истанбул да го завршиме за шест години и по цена од околу 15 милијарди долари“, рече Ердоган.

Тој исто така рече дека мегапроектот за изградба на Каналот „Истанбул“ ќе биде реализиран на начин што ќе биде еден од еколошки најприфатливите проекти не само во Турција, туку и во целиот свет.

Истакнувајќи дека во Истанбул не се одржува некоја обична церемонија за отворање на јавна чешма, Ердоган рече дека настанот на кој присуствува претставува еден од најдобрите проекти за изградба на канал во светот.

Додаде дека светот ќе добие уште едно големо здание што ќе биде финансирано со сопствени приходи и нема да ги троши парите на државата и граѓаните.

По должината на Каналот „Истанбул“, што ќе се протега по должината на европскиот дел на Истанбул, ќе бидат изградени шест моста, а на неговите брегови ќе бидат изградени два града со популација од половина милион луѓе.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.