Турција

Ердоган по средбата со Путин: „Мирот во Украина не е далеку“

- Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, ја поврзува обновената дипломатија со стабилноста во Црното Море, велејќи дека конфронтацијата нема да им користи ниту на Русија ниту на Украина

Gizem Nisa Çebi Demir, Serdar Dincel  | 13.12.2025 - Обновена : 14.12.2025
Ердоган по средбата со Путин: „Мирот во Украина не е далеку“

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, рече дека понатамошен дипломатски ангажман наскоро би можел да ги следи напорите предводени од Москва и Вашингтон, изразувајќи оптимизам за изгледите за мир во Украина по разговорите со рускиот претседател Владимир Путин, известува Анадолу.

Во разговор со новинарите на летот на враќањето од Туркменистан, Ердоган рече дека Анкара се надева дека ќе соработува и со американскиот претседател Доналд Трамп за проценка на потенцијален мировен план.

„По средбата со Путин, се надеваме дека ќе имаме можност да разговараме за мировниот план и со американскиот претседател Трамп. Мирот не е далеку; можеме да го видиме“, рече Ердоган, осврнувајќи се на билатералната средба со рускиот лидер во Туркменистан.

Ердоган истакна дека средбата со Путин се фокусирала на тековните конфликти и дипломатските иницијативи започнати со вклучувањето на Трамп.

„Ги оценивме придонесите што нашата земја може да ги даде во мировните напори“, рече Ердоган и истакна:

„Позитивно гледаме на дијалогот иницирани преку напорите на г-дин Трамп“.

Тој нагласи дека ставот на Анкара е јасно разбран од сите страни вклучени во мировниот процес во Украина.

„Главно разговаравме за војната и мировните напори. Господинот Путин, како и сите други актери, многу добро знае за ставот на Турција по ова прашање“, додаде Ердоган.

Осврнувајќи се на регионалната безбедност, Ердоган предупреди да не се претвора Црното Море во зона на конфронтација и додаде:

„Црното Море не треба да се гледа како арена на соперништво. Ова нема да биде од корист ниту за Русија, ниту за Украина. На сите им е потребна слобода на пловидба и безбедност во Црното Море“.

Во врска со Сирија, Ердоган ја истакна важноста на договорот од 10 март, нарекувајќи го клучен за иднината на земјата.

„Договорот од 10 март е процес што тесно е поврзан со иднината на регионот. Постигнувањето на целите предвидени со договорот би донело најдобар резултат за Сирија“, рече тој, додавајќи дека Турција се стреми кон просперитет за сите Сиријци, без оглед на нивната етничка или секташка припадност.

Осврнувајќи се кон Газа, Ердоган посочи дека Израел мора целосно да ги почитува своите обврски.

„Од суштинско значење е Израел да ги исполни своите ветувања, целосно да се придржува до прекинот на огнот и да дозволи животот во Газа да се врати во нормала“, иистакна Ердоган и додаде:

„Безбедносниот проблем создаден од Израел мора да се отстрани. Турција никогаш не избегнува сериозни одговорности“.

Ердоган зборуваше и за кандидатурата на Турција за членство во ЕУ, повикувајќи го блокот да усвои стратешки пристап.

„Исто така, би било од голема корист за Европа да ги гледа нашите односи со стратешка визија. Чекорите што доаѓаат од Европа ќе ја обликуваат следната фаза од процесот“, рече турскиот претседател.

Ердоган престојуваше во официјална посета на Туркменистан, каде учествуваше на Меѓународниот форум за мир и доверба што се одржа во главниот град Ашхабад.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.