Ердоган за турската вакцина против Ковид-19: Спремни сме да ја поделиме со сите
„Рековме дека сме подготвени вакцините да ги користиме не само во нашата земја, туку и да ги споделиме со сите земји во светот кои ќе имаат побарувачка од нив“, истакна Ердоган

ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по џума намазот (петочната молитва) во Џамијата „Алија“ даде изјава за медиумите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање турскиот претседател се осврна на правото на интелектуална сопственост на вакцините против Ковид-19.
„Знаењето е заедничка сопственост на целото човештво, во науката нема љубомора“, изјави Ердоган и додаде:
„Рековме дека сме подготвени вакцините да ги користиме не само во нашата земја, туку и да ги споделиме со сите земји во светот кои ќе имаат побарувачка од нив.“
Тој наведе дека на темата поврзана со здравјето на човештвото, погрешен е пристапот „Ние ги произведовме, нема да ги дадеме на никого.“
Зборувајќи за активностите во Турција на полето за развој на сопствена вакцина, претседателот Ердоган истакна: „Во моментов во нашата земја постои сериозна и интензивна работа на тоа поле. Се надеваме дека благодарение на интензивниот труд, ќе успееме да ја направиме нашата локална вакцина како што планиравме до септември, октомври.“
- „Се обидуваме да го вратиме ова единство кое датира од минатото“
Претседателот на Турција во своето обраќање се осврна и на историските односи со Египет: „Се обидуваме да го вратиме и одново да го продолжиме историското единство со египетскиот народ.“
Околу активностите за новиот Устав на Турција, Ердоган рече дека посакува да донесат нов Устав кој ќе биде општо прифатлив за пошироката јавност.
Во однос на политиката на земјата, турскиот претседател рече дека Турција не е земја чија надворешната политика треба да ја организира некој, туку напротив, Турција е земја која исправено стои на сопствени нозе.
Од аспект на здравствениот систем во земјата и капацитетот и можностите што ги нудат болниците низ Турција, Ердоган рече дека градат градски болници, со цел турските државјани да не мораат да се лекуваат во странство, како на пример во Кливленд, САД.
„Во нашата земја ќе изградиме болници кои со својата содржина ќе го опфаќаат истото она што го поседува Кливленд. Во моментов, нашите градски болници ја имаат сета таа содржина“, додаде Ердоган.