Турција

Ердоган: Актуелните војни во регионот уште еднаш ја нагласија важноста на кибербезбедноста

„Во ерата на податоци во која живееме, политичката стабилност, економската независност, военото одвраќање и дигиталниот суверенитет не се одвоени едни од други“

Büşra Nur Çakmak  | 31.03.2026 - Обновена : 31.03.2026
Ердоган: Актуелните војни во регионот уште еднаш ја нагласија важноста на кибербезбедноста

АНКАРА (АА) – Актуелните војни и конфликти во регионот, особено во Либан, Газа и Иран, уште еднаш ја нагласија важноста на кибербезбедноста, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.

Говорејќи на церемонијата „Силна Турција во комуникацијата со 5Г“ во Претседателскиот комплекс во Анкара, Ердоган истакна дека државите што сакаат да бидат силни, да имаат моќ за одвраќање и да бидат почитувани на глобалната сцена мора да ги забрзаат своите напори во киберпросторот и да ги преземат неопходните мерки за заштита.

„Во ерата на податоци во која живееме, политичката стабилност, економската независност, военото одвраќање и дигиталниот суверенитет не се одвоени едни од други“, рече Ердоган.

„Ако можете да ги контролирате вашите граници, но не можете да го контролирате вашиот воздушен простор и ако не можете да ги заштитите вашиот киберпростор и вашите податоци, тогаш постои сериозна ранливост во вашиот суверенитет“, додаде тој.

Ердоган најави дека Турција постепено ќе воведува дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста на податоците на државните институции.

„Нашите органи за спроведување на законот и разузнавачките служби, заедно со надлежните институции, успешно спроведуваат превентивни мерки, акциски планови и контрамерки за да бидат подготвени за секое можно сценарио“, рече тој.

Тој додаде дека кибербезбедноста не се гледа само како реакција на закани, туку како составен дел од националната безбедност.

Во обраќањето Ердоган најави и дека мрежата 5Г првично ќе биде воведена во сите 81 областен центар, а во рок од две години ќе биде достапна на ниво на целата земја.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.