Турција ги осуди смртоносните напади врз мировниците на ОН во Либан
- „Нападите врз институциите на Обединетите нации и мировниците претставуваат сериозно прекршување на меѓународното право“
ИСТАНБУЛ (АА) – Турција денес ги осуди смртоносните напади насочени кон мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) во јужниот дел на земјата, во кои се убиени тројца индонезиски мировници, а неколкумина се повредени, јавува Анадолу.
Министерството за надворешни работи во соопштение изрази сочувство до Владата и народот на Индонезија поради смртта на мировниците на ОН ангажирани во рамките на УНИФИЛ.
„Нападите врз институциите на Обединетите нации и мировниците претставуваат сериозно прекршување на меѓународното право“, се наведува во соопштението, со нагласување дека одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата.
Министерството, исто така, предупреди дека присуството на Израел во Либан придонесува за ескалација на тензиите и дополнително ја зголемува нестабилноста во регионот.
Повторувајќи го својот повик до меѓународната заедница, Турција побара прекин на, како што наведува, експанзионизмот, агресијата и окупацијата од страна на Израел.
Од почетокот на март Израел извршува воздушни напади врз Либан и започна копнена офанзива врз јужниот дел на земјата, како одговор на прекуграничниот напад на Хезболах.
Либанските власти соопштија дека најмалку 1.247 лица се убиени, а 3.690 се повредени во израелските напади.
Ескалацијата доаѓа во услови на заедничка офанзива на САД и Израел врз Иран, во која од 28 февруари досега загинаа повеќе од 1.340 лица.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел и американски бази во земјите од Персискиот Залив.
