Британската амбасадорка ја пофали „клучната улога“ на Турција во Сирија, повика на соработка за регионалните кризи
„Обединетото Кралство и Турција, како цврсти НАТО-сојузници на двата краја од европскиот континент, ја продлабочуваат својата соработка за заеднички да се справат со овие предизвици“
ИСТАНБУЛ (АА) – Амбасадорката на Обединетото Кралство во Анкара, Џил Морис, денес изјави дека улогата на Турција во случувањата во Сирија е „апсолутно клучна“, нагласувајќи дека Британија „оддава признание на лидерството на Турција, јавува Анадолу.
Говорејќи на Босфорскиот самит во Истанбул, Морис рече дека брзината со која Сирија се движи „подалеку од конфликтот е многу охрабрувачка“.
„Ги поздравуваме чекорите на сириската Влада кон политичка транзиција, вклучувајќи и одржување на индиректни избори“, рече таа, додавајќи дека транспарентноста и инклузивноста се клучни за да се добие довербата на сирискиот народ.
„Во овој контекст на сè поголем глобален конфликт и поларизација, Обединетото Кралство и Турција, како цврсти НАТО-сојузници на двата краја од европскиот континент, ја продлабочуваат својата соработка за заеднички да се справат со овие предизвици“, изјави Морис.
- Газа -
Осврнувајќи се на хуманитарната криза во Газа, Морис рече дека светот бил сведок на катастрофален конфликт „кој резултираше со непрегледно човечко страдање“.
„Но, за среќа, сега сме во момент на надеж, благодарение на лидерството на претседателот Трамп и непроценливата улога на Египет и Катар во развојот на мировниот договор за Газа“, рече таа.
Морис додаде дека, иако остануваат предизвици, „со тоа што заложниците се повторно обединети со своите семејства и повеќе хуманитарна помош пристигнува во Газа, првата фаза од прекинот на огнот нуди можност Палестинците да почнат да градат подобра иднина без конфликт“.
„Мораме да ја искористиме оваа можност што ја дава прекинот на огнот, преку развивање на транзициски безбедносни аранжмани и поддршка на програмите за реформи“, додаде таа
Морис истакна дека Обединетото Кралство останува посветено на поддршката на Газа преку хуманитарна помош, распоредување персонал во Центарот за цивилно-воена координација и партнерство со меѓународната заедница и приватниот сектор за мобилизирање инвестиции за обнова.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
