свет

Палестинска компанија ги поправа далноводите во Газа оштетени од израелските напади

Во градот Деир ал-Балах, во централна Газа, работниците на далноводите вршат поправки и одржување на главните столбови, и покрај тоа што се соочуваат со сериозни ограничувања во опрема и ресурси

Elena Trenchevska Chekovic  | 07.11.2025 - Обновена : 07.11.2025
Палестинска компанија ги поправа далноводите во Газа оштетени од израелските напади

СКОПЈЕ (АА) - Палестински екипи електричари макотрпно работат на поправка на далноводите сериозно оштетени за време на израелските напади, со цел да се врати зрак светлина во разорениот од војната Појас Газа, јавува Анадолу.

Во градот Деир ал-Балах, во централна Газа, работниците на далноводите вршат поправки и одржување на главните столбови, и покрај тоа што се соочуваат со сериозни ограничувања во опрема и ресурси.

Ресорните претставници изјавија дека првичната цел е повторно активирање на електраната, што е клучен прв чекор пред да може да се врати електричната енергија во виталните сервисни објекти. Приоритет ќе се даде на постројката за пречистување на вода во Деир ал-Балах, која е од суштинско значење за обезбедување чиста вода за населението.

Размерот на предизвикот е огромен. Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа неодамна ја прогласи енклавата за „зона на еколошка и инфраструктурна катастрофа“.

Се вели дека конфликтот, кој траеше речиси две години, уништил приближно 90 % од цивилната инфраструктура, оставајќи околу 70 милиони тони во урнатини зад себе.

Според проценките на Обединетите нации, трошоците за обнова на Газа се предвидува дека ќе изнесуваат околу 70 милијарди долари.

Договорот за прекин на огнот во Газа беше постигнат меѓу Израел и Хамас на почетокот на октомври, врз основа на планот презентиран од американскиот претседател Доналд Трамп. Првата фаза вклучуваше ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници. Планот, исто така, предвидува обнова на Газа и воспоставување нов управувачки механизам без Хамас.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.